РАСТЕ ЕВРОСКЕПТИЦИЗМОТ: „Македонските политичари мора да ги вклучат луѓето во процесите и одлучувањето“

од Nikola Popovski
286 прегледи

Две третини од граѓаните на Северна Македонија сметаат дека односот на Европската унија кон земјата е неправеден и уценувачки, покажува истражувањето на Центарот за европски стратегии „Евротинк“ од Скопје. Според тоа истражување на јавното мислење, спроведено во декември минатата година, така мислат 65 отсто од Македонците, што е за речиси 20 процентни поени повеќе од пред една година, кога 48 отсто од испитаниците ставот на ЕУ го оцениле како нефер. Половина од испитаниците, или 49 отсто, генерално се согласуваат дека членството на Северна Македонија во ЕУ би било добро, што е за точно 20 процентни поени помалку отколку во претходната анкета спроведена една година порано, во ноември 2022 година.

За тоа зошто расте евроскептицизмот, комуникологот и претседател на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) Бојан Кордалов во разговор за „Локално“ објаснува дека генерално е поради апатичноста кај луѓето предизвикана од стравот за егзистенција, слобода, недостаток на можности и слично, стравови кои со себе ги донесоа сите овие кризи.

Бојан Кордалов

-Факт е дека денес за секого потешко се живее, неизвесноста се зголемува секој ден, а како луѓе сме приморани неколку години да ги менуваме посакуваните навики и да се прилагодуваме на т.н. кризно функционирање и живеење. Кога зборуваме директно за македонското членство во ЕУ главно влијание има начинот на кој политичарите ја претставуваат пред граѓаните сликата за Унијата. Дали политичарите се фокусираат на стандардите и патот кој треба да го изодиме со цел да создадеме држава без корупција, со средено здравство, образование итн. или, пак, ставаат акцент во јавниот дискурс само на политичките и другите прашања и предизвици кои секоја земја-членка морала да ги исчекори со цел да стане дел и да ја креира иднината на Европската Унија, порачува Кордалов.

Комуникологот прави споредба со формирањето на денешната ЕУ.

-На пример, можам само да замислам како во 1951 година, односно само 6 години по Втората светска војна, изгледал процесот на формирање на Европската заедница за јаглен и челик. Како оделе разговорите, преговорите помеѓу крвно завојуваните страни во војната, а сепак на крај резултирале со формирање на европските заедници, а подоцна и денешната Европската унија.

Со наједноставни зборови кажано, дали политичарите на Балканот го користат секој миг за да внесат политика во меѓусебните односи со цел да ќарат политички поени и да победат на одредени избори. Или, пак, ќе седнат цивилизирано, без уцени од ниедна страна, без поткопувања на процесите, без притисоци и ќе разговараат и бараат решенија на меѓусебните проблеми единствено во духот на европските и цивилизациски придобивки. Токму овие аспекти ја подриваат или зајакнуваат довербата во ЕУ, надежта кај луѓето за големи идеи, рушење на бариерите и поврзување помеѓу народите…, прецизира Кордалов.

Удел во евроскептицизмот според него, има и потфрлувањето во начинот на кој процесите се комуницираат со јавноста.

-Властите на секое ниво мора да разберат дека нема друг начин освен да ги вклучат луѓето во процесите и одлучувањето. Не носи повеќе поени ако се обидувате да ги прикриете или разубавите тешките ситуации во кои се запаѓа. Властите на централно и локално ниво најчесто продолжуваат да ги бараат решенијата сами, далеку од очите на јавноста… Наместо тоа, потребно е искрено да комуницираат, да ги кажат проблемите, потешкотиите, ризиците, но и решенијата. Истовремено, не е срамота да се каже дека и на политичарите им е потребна помош и поддршка од граѓаните. Да побараат идеи, критики, пофалби итн. Секој човек помага на свој начин, бидејќи секој од нас е засегнат и сака да излеземе од ваквите кризи, па верувајте ако се даде простор ќе сака и многу да помогне и придонесе, појаснува соговорникот.

Кордалов е категоричен дека надлежните институции мора да го објаснуваат процесот, фазите, можностите кои ни стојат на располагање, секако и пречките со кои може и се соочуваме.

-Неопходно е граѓаните да станат сојузници во овој процес бидејќи членството во ЕУ е важно првенствено за нас како земја и луѓе. Реформите или промената во законодавството ја правиме за да ние живееме поубаво, за да ние имаме системски решенија за проблемите, за да се изгради задоволство кај поголем дел од граѓаните од тоа што им го нудат македонските институции. Ако ЕУ продолжи да биде само тема „топовско месо“ на партиските форуми и препукувања, се плашам дека бројките и поддршката ќе бидат уште помали. А, тоа не е во интерес на никој од нас, го образложува комуникологот својот одговор.

Смета дека повеќето потези и посети кои претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен ги направи кон Македонија свртеа ново, многу важно поглавје во нашите односи со Унијата.

-Тука зборувам за фокусот кој во своите активности го става на земјите од Западен Балкан, честите посети и блиски средби, топлата и искрена комуникација, но и сѐ почестата финансиска и друга поддршка која ЕУ ни ја дава во време на пандемија, енергетска и економска криза.

Секој од нас како граѓанин ќе си донесе лична одлука што мисли по овие прашања (затоа живееме во демократија), но сметам дека фактите мора јасно да се истакнат. Исто како и податоците кои велат дека стотици илјади млади луѓе во изминативе децении бираат да учат, студираат, работат и мигрираат токму во земјите од ЕУ или, пак, во САД, Канада и Австралија. Според мене битен факт кога носиме став за тоа во која насока треба да се движиме како земја, ни рече Кордалов.

Околу тоа дали официјална Москва влијае на евроскептицизмот во нашата земја, комуникологот  истакнува дека секое странско влијание кое има за цел да го поткопа патот на Македонија кон Европската Унија влијае на незадоволството.

-Меѓутоа сметам и секогаш ќе сметам дека прво политичарите и јавните институции е неопходно да си ја завршат својата домашна задача. На тој начин, граѓаните многу потешко ќе веруваат на странски влијанија и пропаганди, а многу повеќе ќе носат одлуки базирани на фактите и реалните информации кои им биле презентирани, особено ако бидат вклучени во носењето на одлуките од страна на институциите кои политичарите ги предводат на централно и локално ниво, оценува Кордалов.

Н.П.

Слични содржини