Премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју за телевизијата „Сител“ изјави дека колку ќе расте бројката на вакцинирани, толку ќе паѓа бројката на заразени. Тој посочи оти мерките се неопходни за да се заштити колективното здравје.
Заев потенцира дека вакцинацијата е единственото решение да се победи пандемијата, при тоа наведувајќи дека најголем број на заразени има во средините каде што има најмалку вакцинирани.
Владината мерка за задолжително приложување на сертификат за примена најмалку една вакцина при влез во трговски центри, обложувалници, кафулиња и на разни настани и прослави, ја забрза имунизацијата, што беше и целта на Владата.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, прва доза вакцина завчера примиле 11.925 граѓани, а вкупно се вакцинирале 16.955 граѓани, со што заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 624.819 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.115.988 дози вакцини, а ревакцинирани се 491.169 граѓани.
Во текот на вчерашниот ден, од МЗ информираа дека е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните и посочија дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренската вакцинација.
За закажување на термини за вакцинирање на децата отворен е сајтот vakcinacija.mk.