Расте ривалството меѓу „Вагнер“ и руското Министерство за одбрана, тврдат Британците

од Vladimir Zorba
127 прегледи

Британското Министерство за одбрана утринава во својот разузнавачки извештај наведува дека клучен фактор за наводниот крај на кампањата на руската платеничка група за регрутирање затвореници најверојатно ќе биде „сè подиректно ривалство меѓу руското Министерство за одбрана и Вагнер“. Основачот на Вагнер, Евгениј Пригожин, во четвртокот изјави дека групата „целосно престанала“ да регрутира затвореници за да се борат во Украина.

Групата почна да регрутира затвореници во распространетиот руски казнен систем минатото лето, нудејќи им на осудените помилување доколку преживеат шест месеци во Украина. Не даде информации за тоа колку осуденици се приклучиле на нејзините редови, но бројките од руската казнена служба објавени во ноември покажаа дека популацијата на затворите во земјата се намалила за повеќе од 20.000 меѓу август и ноември, што е најголем пад во повеќе од една деценија. Според податоците објавени во јануари, падот во голема мера е запрен. Британското министерство пишува дека податоците укажуваат на пад на стапката на регрутирање затвореници од декември.

„Веста за суровата реалност на службата на Вагнер во Украина веројатно стигна до затворениците и го намали бројот на волонтери. Сепак, клучен фактор во прекинот на шемата најверојатно ќе биде се подиректното ривалство меѓу руското Министерство за одбрана и Вагнер“, додаваат Британците.

Групата „Вагнер“ игра сè позначајна улога во руската војна во Украина, предводејќи го повеќемесечниот напад на градот Бахмут. Американската разузнавачка заедница во декември соопшти дека верува оти „Вагнер“ распоредил 40.000 затвореници борци во Украина, огромно мнозинство од персоналот на групата во земјата.

Министерството за одбрана понатаму наведува дека редовната руска армија „сега веројатно распоредила огромно мнозинство резервисти повикани под „делумна мобилизација“. „Руското раководство е соочено со тежок избор: или да продолжи со исцрпувањето на своите сили, или да ги намали целите на војната или да спроведе понатамошен облик на мобилизација“, додава британското МО.

Слични содржини