Кристијано Роналдо втор ден неделава не се појави на тренингот на Манчестер Јунајтед.
Ако во понеделникот имаше објаснување дека отсуствувал од „семејни причини“, ситуацијата 24 часа подоцна е таква што никој во клубот не е сигурен дали воопшто ќе се врати.
Сето ова потсетува на обид за протест, своевиден штрајк на Португалецот, кој пред неколку дена ги известил челниците на клубот дека сака да си замине во случај да се појави добра понуда.
И не само тоа, во најлоша ситуација е менаџерот Ерик тен Хаг, кој стратегијата во преодниот рок ја базираше на останување на Роналдо во Манчестер, па се фокусираше на цели на други позиции.
Со сето тоа, никој во таборот на „црвените ѓаволи“ не е сигурен дека Роналдо ќе се врати до петок, кога тимот заминува на турнеја низ Азија и Австралија.
Медиумите објавија дека истиот ден кога беше објавено дека Роналдо поради семејни причини отсуствува од тренингот, тој бил забележан во вечерните часови во тренинг центарот на португалската репрезентација, каде најверојатно тренирал сам.
Тој има уште една година од договорот, во клубот се на мислење дека не сакаат да го продадат, но никому не му се допаѓа оваа ситуација.