Во Вашингтон вчера се одржаа протести против Брет Кавано, кандидатот предложен од Доналд Трамп за Врховен судија на САД. На нив се придружија бројни славни личности, а полицијата приведе околу 300 демонстранти, меѓу кои и манекенката Емили Ратајковски и глумицата Ејми Шумер.
– Бев приведена денеска на протестите против кандидатот за Врховен судија Брет Кавано, човек кој е обвинет од повеќе жени за сексуално злоставување. Човек што е непримерен кон жените не може да биде на така моќна функција. Потврдата на неговата кандидатура е порака кон жените во оваа земја дека не се важни. Барам Владата да ги почитува и поддржи жените еднакво како и мажите, напиша Ратајковски на својот Инстаграм по пуштање од полиција.
Досега три жени го обвинуваат Кавано за сексуален напад. Едната од нив ја застапува адвокатот Мајкл Авенати, кој ја застапува и порно глумицата Сторми Даниелс, која, пак, судски се обидува да го поништи договорт со американскиот претседател Доналд Трамп за молчење за наводната врска со него пред повеќе од десет години.