Ратификуван договорот за основањето и активностите на Француската Агенција за развој

од Vladimir Zorba
274 прегледи

Членовите на Владата денеска го утврдија Предлог-законот за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Француската Република, кој се однесува на основањето и на активностите на Француската Агенција за развој (ФАР), на Пропарко и на Експертиза Франција во Република Северна Македонија.

Со ратификацијата на Договорот, со кој се утврдуваат правилата што ќе се применуваат за основање и за активности на Групацијата ФАР и на Експертиза Франција во Република Северна Македонија и со кој се дефинираат правните, даночните и финансиските услови кои се применуваат за статусот и за активностите на Групацијата ФАР и на Експертиза Франција во земјата и начинот на нивно работење се овозможува уредување на основањето на претставништво со цел, унапредување на економската и финансиската соработка преку што и се создава можност за поблиска билатерална соработка меѓу Република Северна Македонија и Француската Република во наредниот период особено преку работата на претставништвото на ФАР.

Основната дејност на Претставништвото е да обезбеди субвенции, долгорочни заеми и гаранции, да доделуваат финансиска помош на Република Северна Македонија, на единиците на локалната самоуправа, на јавните и приватните претпријатија односно трговски друштва, согласно овој договор и националното законодавство на нашата држава.