29-мина се најдоа на обвинителниот акт за крвавиот 9-то мајски викенд во Куманово. Обвинети се за тероризам и терористичка организација, на обвинителниот акт има македонски државјани, жители на Косово, но и еден Албанец со германски пасош, и војник-инструктор од Албанија кој живеел во косовски Урошевац.

Во притвор се сите обвинети, меѓу нив и лидерите на групата Мухамед Красниќи- командант Малишева (Али Ахмети самиот потврди дека на 9-ти мај во 10.30 добил телефонски повик во кој Малишева барал да се направи безбеден коридор и групата да се извлече на Косово) и Сами Укшини-командант Соколи.
До кривичниот суд е стигнато обвинението, и во следните денови ќе биде доставено до адвокатите на обвинетите. За време на истрагата притворените се бранеа со молчење.
Насер Рауфи е бранител на десет обвинети кои се од Косово. Вели дека досега добиле докази на околу 1400-тини страници, но тоа е само мал дел од прибраните докази и дека остатокот ќе може да се види во судот.
-Се надевам дека овие докази кои се од телефонски разговори, транскрипти, видео снимки и слични докази со ниво на класифицираност ќе им бидат дадени на увид и на обвинетите. Сметам дека со тој увид во доказите ќе заврши за дваесет дена или за месец, рече Насер Рауфи, адвокат на обвинетите.
Под истрага се уште двајца, Осман Сулејман од Брест кој го покажа оружјето украдено од караулата Гошинце и им избега на полицајците, но е фатена Косово и е побарана негова екстрадиција. Косовецот Зијадин Красниќи бил во групата во Диво Насеље, но избегал од полицискиот обрач и е недостапен на истрагата
Вкупно 20-мина од обвинетите имале претходни кривични досиеја на Косово и во Македонија, и извршени киднапирања, закани, убиства и шверц со оружје.Малишева е осомничен и за две убиства на Косово. Ваљдет Зекај, обвинет за две убиства и уште дваесет други кривични дела.
Во Куманово е уапсен и Неџбедин Лика, осуден за убиство во Тетово извршено пред 12 години. Тој е братучед на пратеникот Хазби Лика.
Албанскиот државјанин Генц Сефа бил инструктор во групата и експерт за експлозиви, а германскиот Енвер Клеин пукал со снајпер во Диво Насеље, а во Германија завршил и армиски пилотски курс за хеликоптери.
Адвокатот Рауфи тврди дека пред судот ќе бара да сведочат и припадници на македонските тајни служби чии имиња се спомнуваат во извештаи дека се среќавале со групата на Мирсад Ндрецај.

-Јас се уште сметам дека зад настаните во Куманово има сценарио подготвено од повеќе тајни служби. Тоа го кажувам според мои сознанија, вели адвокатот Рауфи.
Во Куманово на 9-ти и 10-ти мај беа убиени 8 полицајци, ранети беа 35 припадници на МВР, а десет припадници на групата меѓу кои лидерите Мирсад Ндрецај Нато и Бег Ризај загина во борбите.
Текстот во целост прочитајте го тука
извор: Телма