Разговорите продолжуваат помеѓу Скопје и Софија. Владиниот специјален претставник Бучковски во вторник или среда патува за Софија, но од МНР не кажуваат какви пораки тој ќе однесе таму.
Османи и Захариева ќе си разменат предлози
Од Министерот за надворешни работи информираат претстојните денови Бугарија и С.Македонија ќе си разменат предлози од двете страни за Акцискиот план.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи оваа недела оствари комуникација со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, при што беше договорено претстојните денови да се разменат предлози од двете страни за Акцискиот план.
Од МНР соопштија дека низ текот на редовната комуникација меѓу двете страни има континуирана размена на мислења и на идеи; двете страни често споделуваат свои предлози и видувања во кои ги посочуваат и објаснуваат нивните позиции. Последен од низата е Акцискиот план за спроведување на обврските од Договорот за пријателство од 2017 страна, кој е предлог од наша страна, a за кој очекуваме овие денови да добиеме одговор и/или предлог забелешки и предлози од страна на Република Бугарија, посочуват од МНР.
Се бараат креативни решенија
Министерот Османи во интервју за радио Слободна Европа потврдува дека идентитетските прашања се ставени на маса, но за нив македонската страна не преговара. Сепак потенцира дека се бараат креативни решенија кои ќе бидат прифатливи за двете страни.
Опозицијата бара одговори
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека располага со информации за анексот со 12 точки што го споменува бугарскиот вицепремиер, Красимир Каракачанов и тврди оти е со исклучително лоши позиции за Македонија.
Каракачанов во интервју за бугарската телевизија „Нова“ рече дека земјава може да добие зелено светло за преговори со ЕУ уште во јануари или февруари ако потпише анекс со 12 точки кои ќе допрецизираат одредени работи од Договорот за добрососедство.
Мицкоски преку Фејсбук реагираше на оваа ијзава на Каракачанов и вели дека уште пред три месеци предупредил дека анекс постои.
„Тогаш од Заев, неговите немоќни соработници и владината лажлива пропаганда бев нападнат дека ширам невистини. Денес, министер од бугарската Влада потврдува дека постои Анекс од 12 точки кој е даден до македонската Влада, а според информациите со кои располагам е со исклучително лоши позиции за македонскиот идентитет. Оттука, имам две прашања: првото, ќе се извини ли владата што ширеше лажни вести, и второто, што содржи анексот од 12 члена кој Владата го крие од очите на јавноста?“, напиша Мицкоски.