Разговорите за цената за набавка на струја од Бугарија не се завршени, рече министерот за економија Крешник Бектеши.
-Утре ќе имаме уште еден онлајн состанок заедно со мојот бугарски колега, но многу е важно во решавање на вакви ситуации да се придонесе во духот на добрососедството и продлабочување на соработката меѓу соседите, изјави Бектеши, откако вчера Бугарското национално радио (БНР) објави дека Бугарија и Македонија не успеале да постигнат договор за цената на струјата што бугарските производители треба да ја извезат во земјава.
„Во разговорите што ги имав со премиерот Ковачевски, со претседателот Радев, и со премиерот Донев и со мојот колега Христов гледам добра волја за да имаме договор што ќе биде во корист на двете земји. Тука зборуваме за технички работи, зборуваме за да се справуваме заеднички со енергетската криза, посебно во делот на грејната сезона и политикантството е оставено на страна“, изјави Бектеши, изразувајќи уверување дека со Бугарија ќе биде постигнат договор.
Тој рече дека вчера во медиумите се појавиле неколку наслови во врска со ова прашање, кои како што рече, сите од нив се невистинити.
„Никогаш не е побарано берзанска цена на енергијата заради тоа што тоа и сега го имаме. Веќе имаме договор со Грција, со Бугарија, со Србија и со Косово да нема застој во делот на пограничните капацитети што значи дека берзите се отворени и такви шпекулации во однос на тоа дека ќе има намалување за 15, 20, 30 отсто од берзанската цена се невистини“, рече министерот.