„Размислувам за наследник“, Путин откри големи планови за иднината

од Марта Пешевска
150 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека постојано размислува за својот иден наследник на функцијата шеф на државата, но нагласи дека конечниот избор мора да го направат граѓаните на Русија. „Секогаш размислувам за ова. Но, на крајот на краиштата, изборот е на народот, на рускиот народ, на граѓаните, на гласачите“, изјави Путин во документарецот „Русија. Кремљ. Путин. 25 години“, емитуван на државниот канал „Россија 1“.

Тој истакна дека внимателно го следи и проценува потенцијалот на секој можен кандидат, но додаде дека без доверба од народот, ниту еден лидер не би имал можност да постигне значајни резултати. „За една земја да биде стабилна и да обезбеди развој и безбедност, потребен е еден многу важен услов, довербата на луѓето во највисоките функционери. А таа доверба се заслужува со чесна и ефикасна работа во интерес на граѓаните“, нагласи рускиот претседател.

Осврнувајќи се на економската состојба во земјата, Путин изјави дека Русија во моментов има најниско ниво на сиромаштија во поновата историја. „Јасно е дека луѓето секогаш сакаат подобро и се во право. Ако веруваат, тогаш довербата во властите ќе биде обезбедена до одреден степен, а без тоа не може да постои општествено единство. Внатрешната кохезија на општеството е основа на сите наши достигнувања“, рече тој.

Путин истакна и дека би било пожелно да има неколку потенцијални наследници за претседателската функција, за да им се понуди вистински избор на граѓаните.

„Мислам дека треба да се појави една личност, или уште подобро, неколку луѓе, за народот да има избор. Само така може да се добие довербата на граѓаните“, заклучи Путин.

Слични содржини