Американскиот претседател Доналд Трамп изјавил дека вчерашните американско-руски преговори во Ријад биле многу добри и дека по нив станал многу посигурен во изводливоста на договор за решавање на конфликтот во Украина.
Како што вели, средбата на руската и американската делегација во Ријад била добра и неговата верба во решение на украинската криза сега станала посилна. Порачал дека е подготвен да размисли за испраќање американски мировници во Украина. Изјавил и дека не е против испраќање европски војници во Украина.
„Јас сум за тоа, ако тие сакаат да го направат тоа“, рекол Трамп, додавајќи дека таму нема да има американски војници.
„Никој не ме праша да го сторам тоа, па мислам дека нема да го направам тоа. Не би сакал да го правам тоа. Но, ова прашање никогаш не беше поставено“, објаснил американскиот лидер.
Додал дека е разочаран од позицијата на Украина за конфликтот со Русија.
„Имаа три години да седнат на преговарачка маса“, потсетил тој.
Според него, конфликтот во Украина можел да се реши без губење на територија, дури и со просечен преговарач уште пред неколку години.
Посочил и дека прашањето за одржување избори во Украина не е барање на Русија, туку нешто што засега многу земји.
„На Украина ѝ се потребни избори ако сака место на преговарачката маса“, рекол Трамп, укажувајќи на непопуларноста на Зеленски меѓу населението. „Рејтингот на Зеленски кај Украинците е четири проценти“, смета тој.
Тој посочил дека САД потрошиле значително повеќе за поддршка на Украина отколку Европа и ги повика сојузниците да ги балансираат нивните придонеси. САД, нагласи тој, доделиле стотици милијарди долари за Украина, без да има транспарентен увид за што се користеле тие средства.
На 18 февруари руската и американската делегација одржаа разговори во Ријад кои траеја околу 4,5 часа. Русија на средбата ја претставуваа министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, помошникот на претседателот Јуриј Ушаков и директорот на рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев. Американската делегација на разговорите ја сочинуваа државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стивен Виткоф.