Разрешен медицинскиот директор на Токсикологија

од Nikola Popovski
405 прегледи

Министерот за здравство, Илир Демири го разрешил медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петревски. Информацијата ја споделиле дел од вработените на Клиниката. Економската директорка Бесија Иљази и покрај жестоките критики кон неа од вработените, останува на позицијата.

Од Министерството за здравство само кусо соопштиле дека тој е разрешен поради „неправилности во работата“ без да се прецизираат за што точно станува збор, и кои членови од Законот тој ги прекршил.

За разрешувањето од функцијата, Петровски дознал денеска од вработени на Клиниката за токсикологија, иако синоќа бил дежурен на својата работна позиција.

Во изминатиот период имаше многу недоследности и контроверзии околу функционирањето на Клиниката. Дел од вработените на Токсикологија обвинува дека организациската директорка Бесија Иљази не сака да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно ги турка 18-мина на кои лани им завршиле договорите. Ставот на лекарскиот колегиум е дека воопшто немаме потреба од толкав број на нови примања.

Професорот и вработен на Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски претходно информираше дека главен проблем со којшто во моментив се соочува клиниката е доекипирањето на лабораторијата, поради што пациентите трпат. Лекарите алармираа за хаосот што се случува на Клиниката, особено, како што велат, откако била назначена економската директорка.

Министерот за здравство, Илир Демири претходно порача дека немал замерки, ниту имало пропусти за работењето на директорката и најави разрешување на медицинскиот директор.

За новоназначената економска директорка веќе беше објавено дека не знае македонски јазик, па кога мора да соработува со колегите, преведувачи ѝ се двете секретарки вработени во оваа клиника.

Во меѓувреме се случи и поплава на Токсикологија, предизвикана од пукнато парно на третиот кат од Клиниката. Сепак, за среќа, немаше штета на медицинската опрема и немаше штета во просториите во кои се згрижуваат пациентите.

Слични содржини