Развојната банка има нова директорка чиј сопруг е долгодишен член на ВМРО-ДПМНЕ

Според информациите, Ефимија Димовска е сопруга на долгогодишниот член на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски

од Nikola Popovski
89 прегледи Фото: Фејсбук

Директорот на македонската Развојна банка, Кире Наумов, е разрешен од функцијата, објави банката на Македонска берза. На негово место за вршител на должноста е назначена Ефимија Димовска, која во јануари годинава беше именувана за член на Надзорниот одбор.

„Надзорниот одбор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје на седницата одржана на ден 23.02.2026 година од функцијата член на Управен одбор – главен извршен директор го разреши Кире Наумов, а за вршител на должност член на Управен одбор – главен извршен директор ја именуваше Ефимија Димовска член на Надзорниот одбор“, наведено е во соопштението.

Наумов е разрешен една година пред истекот на мандатот.

Според информациите, Ефимија е сопруга на долгогодишниот член на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски. Димовски, на својот фејсбук-профил често објавува слики од настани заедно со премиерот Христијан Мицкоски. Димовски е дипломиран шумарски инженер. Во компанијата „Соларис“ каде што основач и содружник е неговата сопруга Ефтимија, тој е управител.

Новата в.д. директрка Ефимија Димовска повеќе од 18 години активно работи во областа на развојното банкарство. Дипломирала на Економски факултет во Скопје, магистрирала на Универзитетот во Питсбург, САД, а докторира на Економски во Скопје во областа на финансиите, со посебен фокус на истражувањата во делот на пристап до финансирање на мали и средни претпријатија. Својата 27 годишна професионална кариера ја гради на одговорни и раководни позиции во Министерството за финансии, Развојната банка, енергетскиот сектор и високото образование.

Развојна банка ги финансира бизнисите во Македонија преку поволни кредитни линии обезбедени од меѓународните финансиски институции, а во последно време менаџираше и со унгарскиот кредит од 250 милиони евра наменет за компаниите.