Рејтинг на партиите според ИРИ: „СДСМ има доволен период за консолидација, кај албанскиот блок е статус кво“

од Nikola Popovski
372 прегледи

Околу 70 отсто од граѓаните на Северна Македонија се изјасниле дека сигурно или веројатно ќе гласаат на следните избори, а на прашањето „за кого би гласале доколку изборите беа оваа недела?“ 19 отсто одговориле дека би ја избрале ВМРО-ДПМНЕ,а 11 отсто СДСМ, покажува најновата анкета на Меѓународениот републикански институт (ИРИ). Споредено со истражувањето од пред една година, опозициската ВМРО-ДПМНЕ има пад од еден процентен поен, а владејачката СДСМ од пет. Освен Левица, која има зголемување на поддршката од четири на шест отсто, сите други партии се или на исто ниво (ДУИ шест отсто, Беса четири отсто), или имаат пад (Алијанса за Албанците од шест на пет отсто).

За дел од експертската јавност, ваквата ситуација не е зачудувачка со оглед на тоа што нема добри вести и поради тоа што последната година беше една од најтешките поради војната во Украина. Политичкиот аналитичар и комуниколог Петар Арсовски во разговор за „Локално“ вели дека во основа не ги читаме баш како што треба бројките од анкетата.

Петар Арсовски

-Нормално е опозицијата да има предност бидејќи нема добри вести за власта во наредниот период. Последната година беше една од најтешките, економски ситуацијата се влошува, имаш светска економска и финансиска криза, сметките се покачуваат и нема на што да се очекува дека рејтингот на власта ќе биде добар. Тоа може допрво да се очекува ако се откочат преговорите со ЕУ и добиеме пристап до фондовите, па граѓаните почувствуваат нешто, па оттаму да се опоравува рејтингот на власта. Во моментот нема зошто да биде висок рејтингот на власта, смета Арсовски.

Аналитичарот оценува дека во глобала губитници се двете најголеми македонски партии.

-И рејтингот на опозицијата е намален. Тоа е индиција дека се зголемува антиестаблишмент-расположението, кое расте преку Левица и дека двете големи партии во основа губат од антиестаблишмент гласот од Левица. Не е некаков заклучок помеѓу нив како ќе се подели колачот. Вкупниот колач за двете македонски партии станува се помал и помал, порачува Арсовски.

Според соговорникот, во земјава во моментов не постои задоволен гласач од тоа како стојат работите на политичката сцена.

-Во албанскиот блок, ситуацијата е постатична. Го имате ДУИ кој доминира на теренот и други партии чиј вкупен рејтинг е еднаков на ДУИ, но не можат да се спојат.  Таа ситуација прави гласачите да се статични. Нема други опции. Во моментов ДУИ е гравитациона сила кај Албанците која метастатизира во просторот и тешко дека некој може да се спротивстави. Од друга страна страна истото опозициско расположение го гледаме и кај Албанците, со таа разлика што кај нив ја нема таа болка околу Договорот со Бугарија, што ја има кај Македонците. Затоа незадоволството е помало. Кај Македонците е дополнително зголемено и од компромисот за почетокот на преговори со ЕУ, објаснува аналитичарот.

На прашањето дали поголемиот рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ може да биде „залуден“ со оглед на слабиот коалициски потенцијал со албанските партии, Арсовски истакнува дека не треба да се да се потценува коалицискиот капацитет на било која партија, особено ако разликата на изборите биде голема.

-Не мислам дека било која партија треба да спие на увото дека „другата партија не може да најде коалициски партнер“. Ако гласачкиот пазар покаже дека некоја партија добила повеќе гласови од друга, коалициски потенцијал ќе се најде. Не мислам дека тоа е некој наратив поради кој треба „да се спие тоа уво“. Точно е дека во моментов ВМРО-ДПМНЕ има нарушени односи со албанскиот електорат и нејасно е дали имаат една „политичка шизофренија“ околу тоа дали Македонија треба да оди кон ЕУ и НАТО, но можно е поради револтот кај дел од македонските гласачи, тоа и да биде правецот кон кој ќе биде натерана ВМРО-ДПМНЕ да се движи. Тогаш можно е да се случи „бугарско сценарио“ – партија со најголем број гласови која не може да состави влада или пак коалицијата која ќе ја состави од опортунистички причини да биде коалиција со краток здив, дециден е аналитичарот.

Додава дека во речиси македонски анкети доминираат две прашања – економијата и борбата против корупцијата.

– Тоа се двете прашања кои се истураат на површина во предиспозициите на електоратот во проекциите во проекциите за тоа за кого ќе гласаат. Се разбира дека секогаш економијата ќе станува доминантниот фактор во одлучувањето на гласачите, и како што ќе почнуваат преговорите со ЕУ и ќе го затвораме прашањата. Точен е заклучокот дека партиите мораат да ја сведат својата економска агенда ако сакаат да бидат примамливи за гласачите, заклучува Арсовски.

Енвер Салихи

Политикологот и поранешен член на Државната изборна комисија, Енвер Салихи во разговор за „Локално“ вели дека рејтинзите се менлива категорија и не треба да ги гледаме како завршена работа затоа што тие се моментален приказ на перцепцијата на народот.

-Политичките партии според мене немаат некој голем рејтинг кај гласачите ако судиме по тоа дека на секој изборен процес едвај 50% од граѓаните гласаат, а тоа е знак на незадоволство и очај. Не е изненадувачка предноста на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ , патем така беше и на последните локални избори пред една година и тоа продолжува и понатаму додека останува да видиме што ќе се случи на политичката сцена оваа тешка зима за нашата држава, објаснува Салихи.

Со оглед на помалиот рејтинг на СДСМ споредено со ланската анкета на ИРИ, Салихи смета дека СДСМ има доволен временски период за консолидација во наредниот период и тоа директно зависи како ќе се постави партијата спрема електоратот.

-Очигледно е дека не се справуваат како што треба, иако во јавноста се повеќе верни членови изјавуваат разочараност од кадровските политике на партијата која до пред некоја година не знаеше за политички пораз. Сепак треба да се признае и фактот дека врз СДСМ паднаа многу големи товари, како споровите со Грција и Бугарија и секако светската криза кои придонесоа за големиот пад на рејтингот внатре, порачува соговорникот.

Додава дека ситуацијата во албанскиот блок е status quo, поради „преголема иволвираност на кадрите на ДУИ во секоја пора од општеството и тоа во 20 години од нивното владеење како никој досега во балканскиот полуостров, а можеби и подалеку“.

-Негативната појава на партизација на државата со кадри од ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е најголемиот „помагач“ на овие партии кои секогаш се блиску до власта и не оставаат простор за појава на нови политички партии. Што се однесува до рејтингот на опозициониот албански блок навистина е загрижувачки и не е здраво за демократијата што овие партии се фрагментирани во повеќе региони и така истите го губаат приматот пред ДУИ која е присутна секаде. Мислам дека вистински претставник на опозицијата е Алијанса за Албанците која на чело со Арбен Таравари како еден докажан менаџер и секако човек кој има огромно влијание со своето професионално работење во Гостивар и како доктор ни дава можност да разбереме дека ке има шанса за промена и во албанскиот блок. Во моментот временскиот период е многу кус поради можност за избори во Јуни 2023 година, такашто Алијанса е потребно да направи добитна комбинација со Беса и со Алтернатива како би го победиле ДУИ. Во спротивно секаква комбинација ке биде „пречка“ или „за малку не успеавме“ , што не се дозволува во политиката и нема да има веќе втора шанса, истакнува Салихи.

Политикологот смета дека со овој наратив и делување ВМРО-ДПМНЕ како една демократска партија ги намалува коалициските потенцијали со албанските партии и тоа на свесен начин се со цел зголемување на својот рејтинг кај македонскиот блок, што според него, во голема мера и успева.

-Сме се научиле и во минатото да гледаме вакви епизоди за да на крај да гледаме едно демократско ВМРО на власта која има одлична соработка со ДУИ за време  на владеењето и секогаш заострени односи пред избори и за време на кампања што носело ситуација win-win, оценува Салихи.

Не верува дека власта може да направи нешто повеќе во време на светска криза.

-И кога сме немале никаква криза напредокот бил многу мал судејќи по платите на вработените во јавниот сектор кои зимаат плата помалку од многу вработени во приватниот сектор. Разочарувачки е тоа што нема дијалог Влада со синдикални здруженија, како и нема еден систем на принципи кои би биле исти за секој сектор или според заслуга а не според тоа кој сектор има појака лоби група за зголемувања на платата. Кога сме кај економскиот потенцијал на граѓаните тоа е во опаѓачка линија и револтот секојдневно се зголемува поради немање на брзи потези за вистинско ублажување на економскиот шок туку имаме одредени мерки кои се еднократни и не придонесуваат за ублажување на ваквата ситација, вели Салихи и додава дека „економскиот тим во Владата потфрлил целосно во оваа поле и можеби лошиот рејтинг доаѓа токму од тоа како работаат за подобрување на ситуацијата органите задолжени за овој сектор“.

-Потребно е итна интервенција во логиката како да заздравува економскиот сектор од кризата и непрекината помош на малиот и средниот бизнис како и најралнивите категории во општеството во кое според мене спаѓаат и државната администрација која има плата помала од просечната плата исплатена во Македонија, ни рече Салихи.

Н.П.

Слични содржини