Порталот „Indeks.mk“ денеска обелодени дека од нив не излегле информациите за наводниот скриен имот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Козле, туку само ги пренеле истите за кои, како што тврдат, веќе биле јавно кажани пред една недела од страна на уредникот на Инфомакс, Александар Митовски во неговата емисија.
-Сакаме да потенцираме дека ние, indeks.mk, не кажавме ниту еден збор повеќе од Митовски, туку само го пренесовме и проверивме неговото тврдење кое тој никогаш не го демантираше. Како медиум што работи во РСМ, бараме итна реакција од Здружението на новинари на РСМ и од Синдикатот на новинари и медиумски работници на РСМ, бидејќи ние сме брутално нападнати од Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ и тоа го докажуваме во видео делот од изјавата, каде што може и самиот Митовски да биде слушнат велејќи дека никој не го негираше тоа.
„Што правиме, дали некогаш не коментирал или демантираше или објаснил како гради куќи во Тафталиџе, Козле каде што бил. Татко, сестра или не знам кој од семејството, за Мицкоски зборувам. Знаете колку чини местото, бараките и куќата во Козле. Под 250.000 евра не можете да најдете. Да се купи, да се урне, да се изгради, да се платат општинските такси, што вреди да се напомене дека овие давачки во општина Карпош се најскапите околу 70/80 евра. Таму имаме инвестиција од над еден милион евра“, рече Митовски, пренесува „Indeks.mk“.
Додаваат дека „Христијан Мицкоски со методот наследен од Груевски на секаков начин и преку разни закани се обидува да ги замолчи медиумите кои не мислат исто како него и ВМРО-ДПМНЕ“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера побара од дел од медиумите, како што наведе блиски до СДСМ и ДУИ, да се извинат поради тоа што објавиле дека купил и реновирал куќа во Козле во вредност од еден милион евра.
ВМРО-ДПМНЕ денеска објави дека вицепремиерот Артан Груби преку порталот„Indeks.mk“ се пресметува со своите неистомисленици, а истиот порано бил и во негова сопственост.
-Дури и малите пилиња знаат дека е под негова контрола. Овој парамедиум на почетокот беше регистриран на име Артан Груби и е прв сопственик на сајтот, а тоа лесно може секој да го провери. На тој начин Артан Груби сака да го покрие скандалот во кој неговиот брат се стекна со деловен простор, по 5 пати пониска цена од реалната, порачаа од „Белата палата“.