Денешната конструкција на четвртоосомничениот во аферата „Пуч“ ги потврдува сомненијата дека основната цел на агентурната мрежа и останатите инволвирани во случајот е рушење на институциите и безбедносниот систем на Република Македонија, реагира Министерството за внатрешни работи на денешната прес-конференција на лидерот ан СДСМ Зоран Заев.
Според МВР, инволвираните во овој случај очекуваат ослабување на капацитетите и отварање на слободен простор за реализирање на нивните сценарија за уривање на слободната волја на граѓаните.
Целата јавност, наведува МВР, денеска била сведок на обид за директно инволвирање на официјални институции и пријателски служби од земји кои во бројни наврати ја докажале својата блискост со Република Македонија.
– За да не дозволиме јавноста да биде изманипулирана, сакаме да потенцираме дека тоа што денеска беше објавено претставува донација за опрема, не за следење на комуникации, туку опрема за припадниците на специјалните единици на Министерството за внатрешни работи. Станува збор за помош која ја доби МВР во висина од 5.557.377 евра. Станува збор за над 5.5 милиони евра, туѓи пари, помош за поголема ефикасност на специјалните единици. За сето ова постои и официјален Договор за донација кој е класифициран со највисок степен како државна тајна, соопшти Министерството./МИА