Реакции по најавената блокада: „Граѓаните не сакаат нови избори“

од Берта Китинска
544 прегледи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најавува активна блокада која ќе трае со месеци, `се додека власта, не почне разговори со опозицијата за предвремени избори.

За владејачките партии блокирањето на Законодавниот дом не е во интерес на граѓаните.

-Многу пати сум истакнувала дека блокада на Собранието не е во интерес на граѓаните,граѓаните не сакаат нови избори, туку одговорно и конструктивно однесување на сите политички чинители.Наша обврска како пратеници, без разлика дали сме дел од мнозинството или опозицијата, е да обезбедиме ефикасно решавање на проблемите на граѓаните, особено сега во период на енергетска и економска криза и војна на европскиот континент. Крајно време е да ги ставиме интересите на граѓаните и државата, пред личните и тесно-партиските интереси!, вели лидерката на ДОМ, Маја Морачанин во разговор за „Локално“.

За пратеникот од редовите на СДСМ, Јован Митрески блокадата е непријателско однесувањето на опозицијата кон својата држава .

-Блокадата не е нешто ново или нешто што опозицијата не го прави во континуитет во Собранието. Тоа непријателско однесување на опозицијата кон својата држава и својот народ.Пратеничката група на СДСМ и коалицијата останува отворена за сите добронамерни конструктивни предлози, но ги осудува сите обиди за блокади и вештачки кризи заради лични и партиски интереси, во време кога се води секојдневна борба против последиците од надворешно наметната економска криза и борба за заштита на животниот стандард на граѓаните, смета пратеникот.

Тој појаснува дека граѓаните очекуваат решение на проблемите, а не создавање на нови со одржување на избори.

-Ситуацијата со економаките последици од ковид кризата, растот на цените на енергенсите на светските берзи, војната во Украина за која никој не може да даде проценка кога би завршила, сите економски последици предизвикани од таа војна кои ќе ги чуствуваме и во иднина бара искористување на сите расположливи капацитети за заштита на нашите граѓани.Како одговорни пратеници должни сме со сите прогресивни, со сите разумни општествени партнери да ги надминеме блокадите на Мицкоски и деструктивната и криминална ВМРО-ДПМНЕ. Тоа ќе го направиме, вели Митрески.

И Алтернатива смета дека блокадата на Собранието не е начин на решавање на проблеми во услови на ваква криза.

-Секоја партија има свои органи кои носат одлуки за кои мислат дека се добри или во интерес на граѓаните. Тоа е и главното лице на демократијата, вели Фатон Фазлиу од Алтернатива во разговор за „Локално “.

Тој вели дека неговата партија која е дел од владата, во која се работи напорно за надминување на сите тешкотии кои се појавуваат како последица на севкупната светска криза во низа сегменти, смета дека блокадата нема да им служи на граѓаните и дека на таков начин кризата само може да се продлабочи.

-Блокада не е начин на решавање на проблеми во услови на ваква криза. Нам сигурно ни треба повеќе дијалог, комуникација, разбирање и надминување на разликите, нешто што се обидуваме да го поставиме како стандард во ресорите со кои ние управуваме. Ако постои некое големо прашање, што е во интерес на опозицијата, а за што власта нема слух, тогаш блокадата е добро демократско средство за постигнување на целта, но за не постои такво големо прашање што ја наметнува блокада како средство.Опозицијата е важен елемент, без кого не се може во демократија, но секогаш треба да се има на ум дека не ни се дозволува, како што вели една албанска поговорка, при обид за средување на веѓите да ги загрозиме очите, појаснува
тој.

Фазлиу потенцира дека ако блокадата на собранието се поставува како средство за предизвикување на нови избори, тоа може „секој да го направи“.

-Никој во Северна Македонија не треба да бега од избори, но за тоа треба да има некој повод. Ако се согласуваме дека изборите се решение за надминување на кризата, нема да биде крај на светот ако одиме на нови избори. Нормално, притоа треба да се има на ум дека изборите се нови дополнителна своевидна изборна блокада на извршната власт, кампањи и т.н., за на крај можеби да констатираме дека не сме произведувале нешто посебно. Ако блокадата на собранието се поставува како средство за предизвикување на нови избори, тоа може секој утре да го направи и притоа држава секогаш да ни биде во стаклени изборни нозе, објаснува тој.

Според него новите избори би биле само дополнителен елемент што би помогнале во зголемување на кризата.

-Во време кога пандемијата е уште активна, иако значително послаба, во време кога во светот имаме глобална безбедносна криза и во време кога енергетската криза предизвикува други кризи, новите избори би биле само дополнителен елемент што би помогнале во зголемување на кризата.Алтернатива цени дека постојат други средства и можности за надминување на разликите, за прифаќање и други предлози и сугестии, секако и од опозицијата, со цел да не ја ставиме државата во непожелна продлабочена криза, подвлекува Фазлиу.

Б.М.

Слични содржини