Нико Паз ќе го замени Лука Модриќ во срцето на средниот ред на шпанскиот фудбалски клуб Реал Мадрид, пишува „Марка“. Вицешампионот го продадоа на италијанскиот тим Комо минатото лето за 6 милиони евра, но можат да го вратат со посебна откупна клаузула од 8 милиони евра.
Нико Паз беше една од сензациите во италијанското првенство оваа сезона. Под водство на Сеск Фабрегас, 20-годишниот офанзивен играч од средниот ред одигра 35 натпревари, во кои постигна шест гола и имаше девет асистенции. Сепак, растот на играчот е многу поголем од статистичките достигнувања.
Паз има осум настапи и еден гол за својот матичен клуб Реал Мадрид, но поголемиот дел од времето го помина во Кастиља. Младиот играч доби пофалби и од легендата на италијанскиот фудбал, Франческо Тоти, кој сака да го види во дресот на Рома.
„Би земал млад играч како Нико Паз. Многу ми се допаѓа. Тој е уникатен играч, креативен е и не прави грешки“, изјави Тоти за италијанска телевизија.
Модриќ ќе го напушти тимот по завршувањето на Светското клупско првенство, кое ќе се одржи од 15 јуни до 13 јули во Соединетите Американски Држави.
Хрватот дојде во Реал Мадрид од Тотенхем во 2012 година. Заедно со тимот, тој 6 пати ја освои Лигата на шампионите, 5 пати стана победник на Светското клупско првенство, како и Суперкупот на УЕФА и Суперкупот на Шпанија, а двапати го освои и Купот на Шпанија.