Реал Мадрид е тимот кој најмногу заработил за сезоната 2022/23, според извештајот на УЕФА, кој европската фудбалска централа денеска го објави. Приходите на „Лос Бланкос“ се проценуваат на 841 милион евра, што е малку неусогласено со официјалните бројки објавени од клубот, според кои таа бројка е 843 млн. евра или два милиони повеќе.
Втор на ова рангирање е освојувачот на тројната круна во последната кампања, Манчестер Сити со 836 милиони евра. Интересно е што токму „граѓаните“ застанаа на патот на мадриѓаните откако ги елиминираа во полуфиналето. Само уште два од европските гиганти успеваат да ја поминат границата од 800 милиони евра и тоа се Барселона со (815 милиони) и ПСЖ (807 милиони).
Вкупно, 132-те клубови кои ги анализираше УЕФА забележаа раст од 13% на нивните приходи. Најмногу тимови на рангирањето на УЕФА има од Премиер лигата – Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Челси, Арсенал, Вест Хем, Њукасл и Брајтон, покрај Манчестер Сити, а вкупниот приход на англискиот шампионат се проценува на 6,5 милијарди евра. За споредба, Ла Лига постигнува само 3,3 милијарди, а Бундеслигата 3,2 милијарди од европската валута. 18 од 20-те клубови кои заработија најмногу од ТВ права се од Премиер лигата, а единствените други два тима се Барселона (15.) и Реал Мадрид (10.).
Интересен детал од извештајот е ограничувањето на трошоците од страна на „лос бланкос“, кои се први по приходи, но само петти по расходи за плата. Минатата кампања тие потрошија само 320 милиони за оваа ставка во буџетот, или 31% помалку од претходната година, кога пулените на Карло Анчелоти триумфираа во Лигата на шампионите.
Најсериозни трошоци за плати имаат ПСЖ (529 милиони), Барселона (505 милиони), Манчестер Сити (389 милиони).