Реализиравме се што ветив и покрај саботажите, рече Арсовска

од Берта Китинска
214 прегледи

Реализацијата на сите ветувања во рок од 82 дена е показател за добрата организација, напорната работа, изјави денеска Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје.

Арсовска истакна дека посветено, со многу труд, целта е да се врати довербата во градските институции, да бидат во служба на граѓаните, да работат за поубав град, „Град во кој видливи ќе бидат позитивните промени за добро на сите граѓани“.

Според неа, исчистени се над 150 диви депонии во Градот од кои над 120 мапирани за време на изборната кампања.

Арсовска истакна дека се воведени редовни ноќни линии на автобускиот превоз, особено за време на викендот. Покрај активирањето на ноќните линии, овозможени се нови линии до населени места на периферијата на градот.

Како еден од поважните чекори кои Арсовска вети дека ќе ги преземе е формирањето на Градски Еко Совет – Зелен совет во градот во соработка со невладиниот сектор. Овој Градски Еко Совет ќе работи во координација со програмата која Град Скопје ја има предвидено во однос на урбаното планирање на градот, како и развивањето на нови зелени површини кои се преку потребни во градот Скопје.

Градскиот Еко Совет ќе има советодавна улога и при најголем дел од активностите кои ќе се преземаат во насока на развивање на зелени површини во Скопје, истите ќе имаат можност да дадат свој предлог или сугестија до Градот.

Инициран е предлог Закон за прогласување на Водно за заштитена парк шума, во соработка со здруженијата „О2” и „Го сакам Водно”, а негова главна цел ќе биде заштита на Водно како зелен појас.

Арсовска истакна дека е реализирано и ветувањето за поевтин паркинг за скопјани, а едно од ветувањата во предизборната кампања за локалните избори на градоначалничката беше и поставувањето на бројчаници на семафорите, на крстосниците каде што не се следи движењето од ЦУКС. Покрај поставувањето на бројчаниците, реализирано е и ветувањето за враќањето на зелениот бран на делниците во надлежност на Град Скопје. Имено, поставени се бројчаници на булеварот Христијан Тодоровски Карпош на семафорот на крстосницата со Натанаил Кучевишки, на крстосницата со Боца Иванова и на крстосницата со бул. Босна Херцеговина, а истите ќе бидат поставени дополнително и на уште неколку семафори за кои е детектирано дека се од важност за регулирање.

Слични содржини