Смутито е одличен избор на пијалок во секое време од годината, а доколку го пиете во зима, меѓу другото може позитивно да влијае и на вашиот имунитет.
Бидејќи се прави од овошје и зеленчук, смутито е богато со витамини и минерали кои позитивно влијаат на организмот и го зголемуваат нивото на енергија.
Пијалокот е одличен начин за брзо добивање доза на витамини, минерали и други важни хранливи материи, а исто така е вкусен, ви дава енергија и може да придонесе за подобар имунитет, за што секогаш треба да се размислува, особено во сезоната на настинки и вируси.
Покрај тоа, овој рецепт е многу едноставен, бидејќи има само четири состојки – банана, грејпфрут, портокал и грчки јогурт.
Бананите се многу честа состојка во смути. Тие се одличен извор на калиум, манган и многу добар извор на витамин Б6. Плус, тие се кремасти и му ја даваат потребната текстура на густиот напиток.
Портокалите се најпознати како извор на витамин Ц, а содржат и калиум, ликопен, бета-каротен и имаат пријатен слатко-кисел вкус.
Грејпфрутот содржи слични состојки, а може да се пофали и со витамин А (црвениот грејпфрут има повеќе од жолт грејпфрут), холин, магнезиум и многу други здрави материи.
На смутито ќе му даде особено богат вкус, а ако сакате послатки пијалоци, тогаш подгответе го со црвен грејпфрут. Од друга страна, ако преферирате горчливи вкусови, изберете жолт грејпфрут.
Смути за зајакнување на имунитетот
Состојки (за две чаши):
– 2 сецкани банани
– 2 црвени грејпфрути, излупени и исечени на парчиња
– сок и пулпа од еден портокал
– 3 супени лажици грчки јогурт.
Подготовка:
Сите состојки ставете ги во блендер и блендирајте додека не добиете мазна, хомогена смеса, истурете ги во чаши и уживајте.
Смути подготвено на овој начин има 224 калории по порција. Овошните состојки му даваат доволно сладост на ова смути, но доколку сакате уште посладок вкус, можете да додадете мала количина мед или јаворов сируп. Тогаш, се разбира, самиот пијалок ќе содржи повеќе калории.
Предупредување:
Треба да се има на ум дека грејпфрутот не е погоден за секого, пред се затоа што има интеракција со бројни лекови.
Најпознат е неговиот ефект врз статините (лекови за намалување на холестеролот), блокаторите на калциумовите канали (за намалување на крвниот притисок) и некои лекови за ментални болести.
Во упатството за употреба на лекови се наведува дали тие имаат интеракција со одредена храна, па ако користите некој од горенаведените, прескокнете го овој рецепт.