
Речиси 20.000 луѓе починале во епидемијата од коронавирус во Франција, или дополнителни 395 за 24 часа, но бројот на пациенти во интензивна нега полека опаѓа, изјави денеска францускиот директор за јавно здравје Жером Саломон.
Од почетокот на март починале 19.718 пациенти во земјата, од кои 12.069 во болници (+227) и 7.649 (+168) во пензионерски домови, рече Соломон на прес-конференција.
Бројот на хоспитализирани со КОВИД-19 пациенти во неделата беше 30.610. Меѓу нив, 5.744 пациенти во сериозна состојба се на интензивна нега, или 89 помалку отколку во петокот. Ова е 11-ти ден на опаѓање на бројот на пациенти на интензивната нега и петтиот ден на намалување на хоспитализирани.
Овие податоци прикажуваат многу бавно ослабување на епидемијата, но бројот на хоспитализирани останува многу висок, рече Соломон, заклучувајќи дека „напорите на сите мерки за ограничување на движењето се ефикасни и во голема мерка ја забавуваат епидемијата“. Тој повика на непопуштање на мерките.
Премиерот Едуард Филип предупреди дека „Французите нема да се вратат назад на своите животи од пред епидемијата уште долго време“.