Од Министерството за здравство денес соопштија дека вкупно 23.924 граѓани се пријавиле за вакцинација против Ковид-19 преку онлајн аликацијата.
„Веб страницата беше пуштена во функција вчера, а на неа може да се пријави секој граѓанин со тоа што системот ќе биде тој кој ќе генерира кои граѓани ќе бидат приоритетни. Пријавувањето за вакцинирање ќе може да се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“, велат од Министерството.
Жаклина Чагоровска, од електронскиот систем „Мој Термин“ денес изјави дека сè уште не ги анализирале податоците за да можат да одговорат од кој дел на земјава има најголем интерес за вакцинирање.
„Се надевам дека за брзо време ќе ги направиме потребните анализи и ќе ја информираме јавноста. Засега има триесетина пунктови каде што граѓаните ќе можат да ја примат вакцината против Ковид-19“, посочи Чагоровска.
Првите 8.000 вакцини од компанијата „Фајзер“ кои ни ги отстапи Србија се очекува да пристигнат следните денови, а кон средина на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.