Речиси 4.400 луѓе биле злоставувани од католички свештеници во Италија во случаи пријавени од 2020 година, соопшти во петокот група на жртви, обновувајќи го притисокот врз бискупите да се справат со кризата што долго време ја мачи најголемата христијанска вера во светот, објави Ројтерс.
Неофицијалниот број, објавен од Rete l’Abuso, најголемата група во Италија за жртви на црковна злоупотреба, се базира на сведоштва на жртви, судски извори и случаи објавени од медиумите, рече основачот на групата Франческо Занарди.
Rete l’Abuso не прецизираше кога се случил првиот од наводните случаи на злоупотреба.
Италијанската конференција на бискупи (CEI), која минатата недела беше критикувана од комисијата за заштита на децата на Ватикан, немаше коментар за наодите, изјави портпаролот.
Глобалната католичка црква со децении е потресена од скандали поврзани со свештеници обвинети за педофилија и сексуална злоупотреба, како и прикривање на нивните злосторства, но локалните црковни водачи во Италија се помалку спремни отворено да се соочат со проблемот.
Новиот папа Лав, кој оваа недела за прв пат се сретна со жртви на сексуална злоупотреба, им порача на најновите епископи на Црквата да не ги кријат обвинувањата за недолично однесување. Неговиот претходник, покојниот папа Франциск, го направи справувањето со проблемот приоритет на неговото 12-годишно папство, но со мешани резултати.
Во невообичаено критички извештај за ова прашање, објавен на 16 октомври, Ватиканската комисија за заштита на децата соопшти дека само 81 од 226 епархии во Италија одговориле на прашалник што го составила за практиките за заштита.
Rete l’Abuso изјави дека документирала 1.250 сомнителни случаи на злоупотреба, некои со повеќе жртви, вклучувајќи 1.106 наводно извршени од свештеници, додека останатите се припишуваат на калуѓерки, верски учители, лаички волонтери, едукатори и членови на извидниците.
Нивниот извештај содржи случаи поврзани со 4.625 жртви или преживеани, како што ги нарекува здружението, вклучувајќи 4.395 злоупотребени од свештеници.
Во извештајот се вели дека 4.451 преживеани биле под 18 години и речиси исто толку, 4.108, биле мажи, додадеRete l’Abuso, истакнувајќи дека жртвите вклучуваат пет калуѓерки, 156 ранливи возрасни лица и 11 лица со попреченост.
Според здружението, од 1.106 осомничени свештеници предатори, само 76 биле подложени на црковни судења, при што 17 биле привремено суспендирани, седум преместени во други парохии, а 18 биле лишени од свештеничкиот чин или пензионирани од свештенството. Петмина извршиле самоубиство, се додава.