Речиси 59 илјади денари изнесува минималната синдикална кошничка за март

од Nikola Popovski
210 прегледи

Според Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), вредноста на синдикалната минимална кошница за месец март 2024 година изнесува 58 998,00 денари и споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец февруари годинава е зголемена за 1 522,00 денари.

Најголемото зголемување, според ССМ, има кај храната и пијалаците за кои во трошокот во март изнесува 22 681 денари, споредено со претходниот месец кога за нивна набавка биле потребни 21 219 денари. Од декември 2023 г. до март 2024 г. само за храна и пијалаци, според ССМ, трошоците се зголемиле за 1 951 денар.

Од ССМ наведуваат дека со изнајмен стан од 60 квадрати за месец март синдикалната кошничка изнесува 74 373,00 денари.

Во оваа насока, од ССМ потенцираат и дека со новото зголемување на минималната плата од март 2024 година, која според пресметките ќе изнесува 22 567 денари, нема да има позитивен ефект врз стандардот на граѓаните.

-ССМ предлагаше продолжување на мерката за ограничување на цените во насока на заштита на животниот стандарт на работниците и граѓаните особено поради тоа што знавме дека алчноста и профитот на газдите ќе бидат причина за неосновано зголемување на цените на штета на работниците и граѓаните, а тоа е нешто што не смее да се дозволи. Работниците и граѓаните ги повикуваме незадоволството да го изразат заедно со ССМ на протест и да ни се приклучат, затоа што моментот кога треба да бидат гласни е сега, се вели во денешното соопштение од ССМ во врска со синдикалната кошница за март.

Слични содржини