Регионалниот центар за управување со кризи- Скопје, известува дека Противпожарната бригада, од околу 12:00 часот во кругот на поранешната депонија Вардариште на поголема неутврдена површина, гаснат запалена сува трева и отпаден материјал.
Моментално во гаснењето учествуваат седум противпожарни возила и најмалку 20-тина пожарникари.
Поради опасноста од зафаќање на трафостаница и електрични водови, превентивно струјата е исклучена и поради тоа поголемиот дел од општината Аеродром, меѓу кои и Ново Лисиче, е без електрична енергија, известија од ЦУК.
Поради тоа што нема струја, не работат семафорите на поголемите улици и булевари низ Аеродром, па на дел од местата се создава сообраќаен метеж. Според информациите, без струја се и делови од општина Гази Баба.
-Во моментов 47.000 корисници се без снабдување со електрична енергија. Напонот ќе биде повторно воспоставен по известување од Противпожарната бригада дека теренот е безбеден и пожарот е изгаснат, информираат од Електродистрибуција.
Во гаснењето на пожарот, со кој е зафатена сува трева и отпаден материјал, учествуваат 20 пожарникари со седум противпожарни возила.