Речиси секое трето дете во Македонија расте во сиромаштија

На возраст од 18 до 64 години, во сиромаштија живеат 20,5% од граѓаните - покажува статистиката

од Nikola Popovski
27 прегледи

Врз основа на податоците од Анкетата за приходите и условите за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија, Државниот завод за статистика ги пресмета лаекенските индикатори за сиромаштија за 2023 година. Основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 % од медијалниот еквивалентен приход.

Во 2023 година, стапката на сиромашни лица во Македонија изнесуваше 22.2 %. Најпогодени се семејствата со три и повеќе деца, но и самохраните родители. Сиромаштијата ги погодува пред се децата на возраст до 17 години – чија стапка изнесува 30 проценти, или речиси секое трето дете во земјата расте во сиромаштија.

На возраст од 18 до 64 години, во сиромаштија живеат 20,5% од граѓаните, покажува статистиката.

Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2023 година е 17.8 %. Според најфреквентниот статус на економската активност, стапката на сиромашни вработени лица е 8.4 %, додека стапката на сиромашни пензионери е 11.3 %.