Во истражувањето „Човек од народот“, повеќето од резултатите, иако шокирачки, беа очекувани. Тоа што се случува околу нас е видливо за сите, сега само успеавме да го ставиме тоа „црно на бело“, вели во разговор за „Локално“, Влора Речица, една од авторите на истражувањето на Институтот за демократија.
Речица објаснува дека истражувањето било фокусирано врз општествената побарувачка за популистички лидери и политики во С. Македонија, за политичката мобилизација вклучувајќи ја и онаа која е базирана врз популистичка реторика и методи.
– Оваа година во истражувањето беше поставено прашањето за каков кандидат би гласале на избори, односно за „политичарот од кариера” или „човекот од народот”, две петтини од испитаниците (42%) одговориле дека се за „човек од народот”. Поддршката за еден од кандидатите го докажува тоа дека во моментов довербата во претпознатливи политичари е многу ниска и е во иста линија со нашето тврдење дека побарувачката за популизам е блиску поврзана со ниската доверба во демокатските институции и чинители во нашето општество. Токму поради ова граѓаните го преферират кандидатот кој е помалку познат за јавноста, иако ветувањата на двата кандидати се речиси исти, според фиктивните биографии кои им ги презентиравме на испитаниците, објаснува Речица.
Додадава дека ниско ниво на доверба испитаниците имаат и за политичарите, што најмногу се поврзува со генералната состојба во државата.
– Ако ги гледате другите делови од анкетата, ќе приметите дека граѓаните генерално не веруваат во политчките елити и се чувствуваат изневерени од нив. Токму ова се преведува и во реалниот свет и ниската доверба во нашите политичари и политички партии, вели таа.
Младата истражувачка посочува и дека резултатите од оваа анкета биле подолго време во јавноста. Воедно таа била и споделена и од различни политички чинители.
– Имаше пратеници кои и ни ја побараа анкетата, а истата беше споделена на фејсбук страната на Министерката за образование и наука. Така да, мислам дека истата е стигната до сите релевантни чинители во нашето општество, кои имаат одлучувачка моќ, па се надеваме дека истите и ќе постапат по неа, смета Речица.
Генерацијата помеѓу 30 и 39 години поскептична кон теориите на заговор
Според Речица, високото образование е фактор којшто влијае врз подложноста кон теориите на заговор за ковид пандемијата.
– Граѓаните веруваат во теории на заговор токму поради ниската доверба во демократски инситуции како официјални извори на информација, но и поради лошиот квалитет на образованието во нашата држава. Се работи за децениски проблем кој не ги екипира нашите граѓани со критичко мислење кое е клучно за филтрирање на лажни и вистини информации, особено во глобален свет, во кој информациите преку социјални медиуми и портали ни стигаат пребрзо без доволно време за филтрирање. Според истражувањето генерацијата помеѓу 30 и 39 години се поскептични кон теориите на заговор во споредба со другите возрасни групи. Така, оваа група значително помалку се согласува со теориите дека пандемијата е креирана во лабораторија со цел контрола на луѓето (63%) во споредба со другите возрасни групи, каде што процентот е над 70. Високото образование е фактор којшто влијае врз подложноста кон теориите на заговор. Така, постои забележлива разлика кај ставовите околу пандемијата, каде што 65% од високообразованите сметаат дека таа е креирана за контрола на луѓето, наспроти 74% од оние со средно образование. Токму овие податоци укажуваат на проблемот со нискиот квалитет на образованието и потребата за итни мерки во оваа поле, вели таа.
Во истражувањето висок процент од испитаниците со високо образование немаат доверба во официјалните податоци од министерството за здравство и веруваат дека МЗ давало пари за да се запишат повеќе починати лица од ковид 19, а овој резултат, според Речица, е поради тоа што во земјава нема транспарентни и отчетни институции.
– Борбата против корупција исто така е една од најважните условно кажано борби, на која треба да се работи, за градење на довербата на граѓаните во институции. И секако на крај потребно е да се работи за креирање на правна држава, поради тоа што довербата на граѓаните најниска е во судството. Со работа во овие три елементи, може колку толку да создадеме цврсти нозе на кои граѓаните можат да застанат, вели Речица.
За тоа што треба да се смени за да се добие критичка публлика која сама ќе расудува при примањето на информации, истражувачката објаснува дека прво потребно е да се работи на суштински реформи во образованието, каде што итно е потребна медиумска писмесност да влезе како предмет.
-Исто така потребна е национална стратегија за образование, која ќе се постигне со национален консензус и на која ќе работат и идни влади. Тука улога имаат и медиумите, преку кои се шираат дезинформации. Во моментов најважно е да стигнеме до целта, а тоа е што помалку дезинформации, преку само-регулација, особено поради заштита од цензура и заштита на слободата на говор. Сепак, реформите во медиумите треба да ги вклучат сите најважни чинители во оваа поле, од медиуми до пратеници, за да се дојде до најдобро решение, вели Речица.
Б.М.