Ред Бул: И Хамилтон ќе се приклучи во борбата за титулата

од Vladimir Zorba
418 прегледи

Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон по трката во „Имола“ констатира дека оваа сезона нема да може да се бори за светската титула. Но, шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, е на мислење дека Мерцедес ќе успее да ги реши проблемите со новиот W13 и тогаш Хамилтон ќе се вклучи во битката на Макс Верстапен и Шарл Леклер.

„Очигледно викендот на Луис беше ужасен, но тој е 8-кратен, извинете, 7-кратен светски шампион, ја заборавив титулата на Нико Розберг“, изјави Хорнер во ТВ интервју. „Луис не стана полош возач на последните 4 трки. Во одреден момент, Мерцедес ќе го реши проблемот со болидот и Луис ќе се вклучи во битката на Макс и Шарл“.

Како и светскиот шампион Макс Верстапен, така и Хорнер не обрна многу внимание на тоа што возачот на Ред Бул го помина Хамилтон за еден круг на „Имола“.

„Токму во тој момент, кога Макс го престигна Луис и групата пилоти во кои тој беше, сите повеќе гледавме кон небото отколку кон патеката, прашувајќи се дали ќе врне во последните кругови или не. Тоа ни беше поважно од тоа дали ќе го поминеме Луис за круг или не“, додаде Хорнер.

Слични содржини