Светскиот шампион Макс Верстапен имаше некарактеристични проблеми со абењето на гумите за време на вчерашната трка за ГН на Австрија, поради што немаше шанси да се бори за третата последователна и вкупно петта победа на Ред Бул Ринг. Холанѓанецот мораше да се задоволи со второто место на домашниот старт на Ред Бул, а само доцното испаѓање на Карлос Саинц го спаси од третото место.
По трката, советникот за моторспорт на „биковите“, д-р Хелмут Марко изјави дека таборот на Ред Бул нема одговор за проблемите со гумите што го мачеа нивниот возач. Токму поради оваа причина Австриецот ги задолжи инженерите на тимот од Милтон Кејнс да најдат решение за овој проблем пред Француското ГП на крајот на следната недела.
„По нашата предност во петокот и саботата, тоа беше изненадување. Абењето на гумите со кое моравме да се справиме денес, не можеме да го објасниме. Уште поизненадувачки беше тоа што со последниот сет темпото, абењето и температурите беа во ред. Што се случува? Се надевам дека ќе најдеме решение“, изјави Марко за Sky Sports Germany.
И покрај тоа што заврши на второто место зад Шарл Леклер во Австрија, Верстапен успеа да ја зголеми предноста на врвот на табелата во Формула 1.
Пред вчерашниот старт тој водеше со 34 поени пред тимскиот колега Серхио Перез, кој не заврши откако се судри со Џорџ Расел во четвртиот свиок на трката. Во моментов предноста на светскиот шампион е 38 бода пред Леклер, кој со својата победа уште еднаш го мина Перез во генералниот пласман.