На само една недела до крајот на пописот, директорот на Ромскиот образовен фонд Реџепали Чупи, со апел до граѓанскиот сектор, ромските медиуми (аудио-визуелни, пишани и дигитални) и сите индивидуалци кои спроведуваат или се дел од активности поврзани со пописот да помогнат во информирање и мотивирање на населението да го искористи своето право за попишување согласно личните убедувања, истакнувајќи ја посебно нивната етничката припадност.
-Подигнете го тонот во известувањето и реакциите поврзани со одредени неправилности и обиди за манипулација на терен. Зголемете го притисокот кон релевантните државни институции кои се директно одговорни за спроведување на истиот. И во континуитет информирајте ја меѓународната заедница за споменатото, пишува Чупи.
Тој на полнолетните средношколци, студенти, поранешни и сегашни стипендисти на Ромскиот Образовен Фонд и други организации и институции им посочува дека имаат морална обврска и обврска на ромските семејства да се попишат како припадници на ромската заедница, е основа поради која добиле или во моментов користат финансиска и дополнителна образовна и академска поддршка во процесот на вашето образование.
Чупи со порака и до ромските политички партии, нивните лидери и партиски структури дека имаа политичка и граѓанска одговорност да бидеат проактивни, и да ги фокусираат партиски, човечки и материјални ресурси за успешно спроведување на пописот, бидејќи од резултатите на истиот ќе зависи и нивниот понатамошен политички ангажман, кариера и придонес по кој ќе бидете запаметени и запишани во историјата.
На кандидатите за Градоначалници и Членови на Советите во Општина Шуто Оризари и другите општини како што има кандидати Роми, Чупи им порача да ги остават за момент партиските активности поврзани со претстојните локални избори, барем додека не почнала официјалната кампања и да се насочат кон пописот.
-Така ќе добиете поголем авторитет и кредибилитет во текот на изборната кампања, а резултатите од пописот ќе ви помогнат во креирањето и спроведувањето на реални, соодветни и успешни партиски и работни програми од чија имплементација и резултати ќе зависи вашиот политички, колективен и индивидуален успех во иднина.
Прашањето околу пописот во Македонија станува мошне актуелно и политички по етничка основа важно по донесувањето на Охридскиот Рамковен Договор во 2001 година. Согласно принципите на истиот преточени во Уставот и неколку законски и подзаконски решенија од бројот на населението по етничка основа зависи и бројот на посебни права кои ги стекнуваат и уживаат одредени заедници, пишува Чупи во своето обраќање до јавноста.
Според Чупи искуството и начинот на креирањето на јавните политики, еднаквата и правична застапеност во државната и јавната администрација, учеството во донесувањето на одлуки (на хоризонтално и вертикално ниво) и распределбата на буџетски средства во повеќе области насочени кон развој на државата во изминатите 20 години, сеуште постои дилема дали пописот освен што е најголема статистичка операција е уште поголема политичка операција од која во наредните 10, а можеби и повеќе години ќе зависи темпото на развој не само на државата генерално туку конкретно и на ромската заедница во сите области, образование, вработување, домување, здравство, култура, животна средни итн.
Б.Т.