Кастриот Реџепи од коалицијата ВЛЕН изјавил дека другата коалиција од албанскиот блок, Европскиот фронт инсистира да стане дел од владата. Тој во емисијата „Дејли клик“ порачал дека токму поради оваа причина имало и средба меѓу првиот човек на ДУИ, Али Ахмети со мандатарот на новата влада, Христијан Мицкоски. Сепак, според него, извесно е дека владата ќе се формира меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.
„Зошто испратија емисари кај Мицкоски и зошто самиот Ахмети се сретнал со него? Не бев на средбата, но знам дека се одржала“, информирал Реџепи.
Коментирајќи ја „борбата“ за легитимитетот на Албанците во земјава, Реџепи оценува дека треба да се внимава со изјавите.
„Мислам дека Албанците пролеаја многу крв за оваа држава и мислам дека ние како политичари имаме одговорност, без исклучок, да не донесеме ситуација некој да трпи макар и мала гребнатинка, а да не зборуваме за посериозна последица“, нагласил Реџепи.
Коментирајќи ја вчерашната изјава на Ахмети и најавите на Европскиот фронт за нивните следни чекори по создавањето на новата влада, Реџепи кажал:
„Тие не преземаат одговорност и не ја исклучуваат можноста да има незадоволство кај народот. Тоа е тип на сценарио кое го видовме и во минатото, кога една група граѓани беше иницирана да протестира. Сакаат да си ја задржат фотелјата“, додал членот на ВЛЕН.