Реџепи Зејд не го поддржува „Безбеден град“, тврди дека е дискриминирачки и неуставен

„Несоодветен е затоа што патиштата и инфраструктурата на вклучените градови се под секој европски стандард и не создаваат реални услови за правична имплементација“, вели пратеникот од „Европскиот фронт“ за „Безбеден град“

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Фејсбук

Пратеникот од коалицијата „Европски фронт“ и претседател на партијата Народно движење, Зејд Реџепи се изјасни дека е против системот „Безбеден град“. Тој вели дека е несоодветен за реалноста на нашата земја, односно казнен, дискриминаторски и неуставен.

„Ние сме за безбедноста на граѓаните, но проектот „Безбеден град“ е несоодветен за реалноста на нашата земја, казнен, дискриминаторски и неуставен⁣. Несоодветен е затоа што патиштата и инфраструктурата на вклучените градови се под секој европски стандард и не создаваат реални услови за правична имплементација на овој систем.⁣

⁣Казнен е затоа што вистинската цел на владата не е безбедноста на граѓаните, туку пополнувањето на буџетските празнини преку казни.⁣

⁣Дискриминирачки е затоа што не е вклучена целата земја, туку само одредени градови, создавајќи нееднаков третман за граѓаните.⁣

⁣Неуставен е затоа што во трите вклучени градови, Скопје, Куманово и Тетово, албанскиот јазик е службен јазик, додека владата дозволила софтверот на проектот да се подготвува само на македонски јазик.

⁣Ова прекршување претставува сериозна правна одговорност, бидејќи корекција на софтверот ќе бара дополнителни буџетски расходи, што повторно ќе го оптовари државниот буџет и даночните обврзници“, напиша пратеникот Реџепи.

„Нема да го поддржат Законот за прекршоци“ – одлучи Социјалдемократскиот сојуз на еден ден пред собраниската седница на која пратениците ќе гласаат за Законот. Според претседателот на партијата, Венко Филипче, предложеното законско решение не е комплетно. Вели дека се залагаат за безбедност во сообраќајот, но се сомневаат во контролата на податоците.

„Спасуваме животи“– истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од собраниската говорница. Тој посочи на неколкукратно намалениот број на жртви во сообраќајот во тест-периодот од два месеца, во споредба со претходната година во истото време. Граѓаните покажаа дека и без ефектуирани казни, умеат да ги почитуваат сообраќајните правила, вели Тошковски.

За усвојување на пакетот закони потребно е двотретинско мнозинство. ДУИ најави поддршка за проектот „Безбеден град“ кој од 1-ви февруари ќе треба да стапи во функција. На почеток ќе санкционира четири сообраќајни прекршоци.