Реформите во правда заглавени без кадар – Филков вели: „Немаме ни половина од потребните вработени“

од Марта Пешевска
48 прегледи

Министерството за правда најавува дека пет од осумте приоритетни закони од првиот пакет на Реформската агенда, кои имаат рок да бидат донесени до јуни 2025 година, се во финална фаза и се очекува до 23 јуни да бидат внесени во собраниска процедура. Министерот за правда, Игор Филков, на денешниот брифинг со новинарите рече дека Министерството, и покрај ограничениот капацитет и недостатокот од кадар, работи со полна пареа.

Тој посочи дека институцијата има само 90 вработени, иако според систематизацијата треба да има 195. „Ова е состојба што ја наследивме. Сега правиме напори овие позиции повторно да станат атрактивни“, рече Филков. Од осумте закони кои треба да се донесат до јуни годинава, четири веќе се доставени до Владата и се во скратена постапка. Станува збор за законите што ги уредуваат платите на судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.

Законот за Судски совет е подготвен и веќе испратен на мислење до Венецијанската комисија, а објавен е и на порталот ЕНЕР за јавни консултации. Законот за судска служба е во владина процедура, каде се врши усогласување со институционалните мислења. Текстот на Законот за јавнообвинителска служба е финализиран од работната група, а во тек се подготовки за негово објавување на ЕНЕР. Изборниот законик, пак, е ревидиран во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

За три од законите од пакетот е потребно т.н. Бадентерово мнозинство. Филков повика политичките партии да не прават дневна политика од реформите, туку да ги стават граѓаните на прво место: „Ние како Министерство ја завршивме нашата работа – закони се подготвени.“

Министерството работи и на закони со рок до декември 2025 година. Текстот на Законот за кривична постапка е подготвен и се прават потребните технички усогласувања. Се работи и на Законот за судови, кој треба да биде донесен со двотретинско мнозинство – за што е формирана посебна работна група.

Законот за прекршоци, дел од проектот „Безбеден град“, веќе е на ЕНЕР и во фаза на доусовршување. Финализирани се и текстовите на Законот за пробација и Законот за помилување.

Филков потенцираше дека правдата не може да чека и дека реформите во овој сектор се предуслов за функционална и фер држава.