Регистрирани два случаи на „магарешка кашлица“

од Nikola Popovski
227 прегледи

Во сезоната на респираторни инфекции, вообичаено е бројот на прегледи да биде поголем. Но, во земјава е регистрирана и голема кашлица или попозната во јавноста како магарешка кашлица. Потврдена е кај шестмесечно бебе, кое се наоѓа во детската болница во Козле. Ова е втор случај.

Засега нема информација дали и кога Комисијата за заразни болести ќе заседава по најновите случаи.

На вакцинација денеска повика министерот за здравство, Фатмир Меџити.

-Повикуваме на вакцинација затоа што вакцините спасуваат животи, рече Меџити на новинарско прашање дали појавата на големата кашлица во државава се должи на тоа што не се вакцинираат децата.

Пертусис е акутно инфективно и многу заразно заболување предизвикано од бактеријата Bordetella pertussis. Бактеријата предизвикува болест само кај луѓето. Таа може да предизвика сериозен облик на болест кај сите возрасни групи но најопасна е за новородените и бебиња во првите два месеци после раѓањето и до моментот на примање на првата доза на вакцина против пертусис. Главната карактеристика на болеста е кашлица во напади која може да трае со недели. Покрај кашлицата бактеријата може да предизвика компликации на респираторниот и нервниот систем кои може да остават трајни последици на мозочната функција и невролошкиот развој кај децата.

Извор на инфекција е болен човек. Бактеријата се пренесува по капков пат, преку плунката и аеросолите кои болниот човек ги исфрла при кашлање и кивање. Индексот на заразност е многу висок, околу 80%. Инфективноста (заразноста) е најголема на почетокот од болеста, кога сеуште не се појавуваат карактеристичните знаци за болеста и може да трае и до 4 недели од почетокот на болеста. Со рана дијагноза на болеста и соодветно лекување, се намалува времетраењето и на заразноста и на болеста, кај болниот човек. Луѓето кои имаат благи и лесни симптоми на болеста и ја немаат карактеристичната кашлица на болеста, се најзначајни бидејќи ја шират инфекцијата во околината без да знаат. Бебињата најчесто се заразуваат од постари брат или сестра, од родителите или лицата кои се грижат за нив, кои (не) знаат дека ја имаат болеста. Во популации со висок процент на вакцинација, заболувањето и смртноста од болеста се многу ниски бидејќи со редовна вакцинација во популацијата, се заштитени нај вулнерабилните категории како што се доенчињата и постарите изнемоштени лица кај кои пертусисот има најтежок тек на болест и предизвикува најтешки компликации.

Слични содржини