Регулација или рестрикција: што навистина ја намалува зависноста од цигари?

Според дел од медицинските лица, мора да се направи разлика помеѓу користењето на тутун и користењето на никотин. Пошироката јавност, но често и стручната, го поистоветува користењето на никотин единствено со цигарите.

од Vladimir Zorba
10 прегледи Фото: Вештачка интелигенција

Изедначувањето на цигарите со алтернативните никотински производи во новиот законски предлог отвора дилеми за ефикасноста на таквиот пристап. Меѓународните примери укажуваат дека строгите рестрикции не секогаш ја намалуваат стапката на пушење – земјите што дозволиле употреба на помалку штетни алтернативи, како електронски цигари, никотински ќесички и вејпови, постигнале подобри резултати во намалувањето на пушење.

Според дел од медицинските лица, мора да се направи разлика помеѓу користењето на тутун и користењето на никотин. Пошироката јавност, но често и стручната, го поистоветува користењето на никотин единствено со цигарите.

„Никотинот сам по себе не е причина за рак. Штетните ефекти од пушењето се резултат на токсичните соединенија што се создаваат со согорување на околу 900°C кај традиционалните цигари“, нагласува д-р Хуго Тан.

Според него, случајот е многу поразличен со алтернативните никотински производи, кај кои ги нема штетите од согорувањето.

„Има логика во охрабрувањето на некои пушачи да се префрлат на научно проценети производи со намален ризик. Пијалоците со помалку шеќер, безбедносните појаси во автомобилот, алтернативните никотински производи… каква е врската? Станува збор за концептот на намалување на штетата“, додава доктор Тан.

Ваквиот пристап кон намалување на стапката на пушење се покажал успешен во голем број земји, меѓу кои и Шведска и Јапонија.

„Примерите како шведскиот покажуваат дека долготрајната употреба на производи без чад може да биде поврзана со драстичен пад на пушењето, од околу 30 проценти на околу 5 проценти. Шведска сега има најниска стапка на болести предизвикани од пушење во ЕУ“, заклучува д-р Хуго Тан.

Анализата „Safer nicotine works“ покажува дека земјите што широко ја овозможиле употребата на алтернативните никотински производи бележат намалување на стапките на пушење двојно побрзо од глобалниот просек. Како пример, никотинските ќесички станаа најбрзо растечкиот алтернативен никотински производ на скандинавскиот пазар, а Шведска продолжува да има најниска стапка на пушење во Европа. Во оваа земја иако бројот на пушачи е намален, уделот на населението што користи никотин се чини дека останал ист. За ова да се случи постоеле голем број на дебати и различни законски решенија. За разлика од предлогот кај нас, актуелните шведски закони дозволуваат вејпови и ќесички со ароми и вкусови, но пак затоа имаат различни акцизи.

„Стратегијата за оданочување на тутунот во Шведска се базира на пропорционална акциза што го одразува понискиот ризик поврзан со алтернативите на цигарите. Никотинските ќесички имаат најниска акцизна стапка во споредба со акцизата што се применува на цигарите“, се вели во анализата.

Во неа се прави корелација и на широката достапност на алтернативните никотински производи со податокот од Светската здравствена организација кој покажува дека Шведска има најниска инциденца на рак на белите дробови (17,7 на 100.000) во ЕУ и најниска инциденца на смртност од рак на белите дробови (14,4 на 100.000).

Успешен пример е и Јапонија каде претходно имало лоши резултати – за повеќе од четиринаесет години, стапката на пушење се намалила само за помалку од два проценти; од 21,6% во 2003 година на 19,8% во 2017 година.
Сепак, намалувањето на стапката на пушење неодамна се забрзала благодарение на воведувањето на производи за загревање на тутун во 2016 година и до 2019 година е намалена на 17,8%.

„Владата не ја дестимулираше употребата на алтернативните никотински производи преку воведување ограничувања за нивната употреба, но истовремено и не ги поддржуваше активно овие производи како одржлива алтернатива на пушењето цигари“, се вели во анализата „Safer nicotine works“.

Но, јапонските власти направиле јасна разлика за тоа каде е дозволено пушењето на цигари, а каде може да се користат алтернативните производи.

„Употребата на алтернативните никотински производи е дозволена во барови и ресторани над 100 квадратни метри и во оние што ги управуваат поединци или мали и средни претпријатија, под услов да е истакнат знак за предупредување. Во спротивно, производот може да се користи само во одредени области. Во пракса, повеќето барови и ресторани во Јапонија се квалификуваат за оваа можност која дозволува употреба на алтернативни никотински производи во објектите. Спротивно на тоа, пушењето на цигари е забрането во сите ресторани, хотели и канцеларии од април 2020 година“, се додава во анализата.

Во Јапонија, откако производите за загревање на тутунот за првпат биле воведени на пазарот во 2016 година, продажбата на цигари е намалена за 32% за само пет години.