Регулаторот ако сака може да го спречи говорот на омраза на Неделковски

од Vladimir Zorba
86 прегледи

Ниту Канал 5 , ниту Основното јавно  обвинителство, а најмалку Агенцијата за медиуми,  смеат да се амнестира  од  говорот на омраза на Миленко Неделковски.

milenko

Деновиве добивме прва реакција, веројатно по долго време, на соодветно програмско тело – на Агенцијата за аудиуо и адиудиовизуелни медиумски услуги, во врска со емитувањето на шоуто на Миленко Неделковски.

По опсервацијата на речиси двомесечната продукција на овој шоумен на програмата на Канал 5, снимките од јануари и дел од февруари годинава, програмскиот сектор на Агенцијата што врши надзор врз она што им се нуди на консументите, бара од директорот на Агенцијата да преземе конкретни чекори кон Канал 5, а снимките од тие емисии да ги достави по службен пат до Комисијата за заштита од дискриминација за натамошнио постапување!

За тоа шоу, да потсетиме, веќе има поднесено најмалку три кривични пријави до Оснпвното јавно обвинителство (ОЈО) од страна на Хелсиншкиот комитет и ЛГБТИ Центарот за подршка. Поднесоците се однесуваат на предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост (член 319 ст. 1 од КЗ на РМ), потоа на ширење на расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем (член 394-г ст.1 од КЗ на РМ) и кривично дело Расна и друга дискриминација (чл.417 ст.1 од КЗ на РМ). За некои од тие дела, да потсетиме, може да се добие казна затвор во траење од десет години.

 

НАДЗОРОТ ГО КОНСТАТИРАШЕ ОНА ШТО СИТЕ ГО ГЛЕДАМЕ

Освен кривичните пријави и до сега имало силни реакции во стручната јавност и кај професионалците токму во однос на вокабуларот, стилот и своевидните „сценски“ дејствија на Неделковски во неговото полноќно шоу. Речиси да немаше новинар од независниот атар чиј портрет не беше обесуван на ортомата за сушење алишта, како своевиден јавен линч, но и како гест на поттикнување на насилство кон нив!

Тоа, констатира надзорот на Агенцијата, е направено и во емисијата од 15 јануари кога самиот автор, кој прави дејствија од типот на забодување со игла на ѕид на портрети на лица, чии погледи и ставови не му се бендисуваат, а и тој признава дека „боцка луѓе“!
Факт е дека и покрај трите пријави ОЈО има постапено единствено по последната кривична пријава, но и тогаш, екипата на обвинителот Марко Зврлевски не утврди елементи на говор на омраза. Со тоа, како да беше дадена можност и натаму да се игнорира говорот на омраза со кое е засегнато граѓанството и кој заради начинот и местото каде се манифестира, е посебно опасен!
Со извештај за извршен програмски надзор, објавен од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, тоа тело генерално го прави првиот голем чекор во однос на недопирливиот шоумен, кој секако ја има силната подршка од врвот на државата. Впрочем, негов гостин, да не зборавиме, бил и самиот екс-премиер Груевски на неколку пати, што од друга страна би можело да значи дека политичарот кој толку пребира каде ќе се појави и колку ќе говори пред камери, нема скрупули кон манифестациите на ширењето на говорот на омраза.

Анализата што ја прави телото на АВМУ доста детално ги опишува вербалните играрии и „опишувања“ на одредени политичари од редовите на СДСМ и нивните наводни сексуални ориентации од страна на Неделковски, а тоа го прави и со наши колеги.

 

АГЕНЦИЈАТА „ЗАБОРАВИЛА“ НА ЧЛЕН 43

 

Но, останува отворено прашање, по некои консултации со луѓе кои работеле на оваа подрачје и ја познаваат материјата, дека сепак и надзорното тело на Агенцијата како да ја „ишкало“ од себе можноста многу подиректно да си даде работа самото себе си!
Имено во 43 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се вели дека„Агенцијата може да преземе соодветни мерки со кои времено ќе ја ограничи слободата на прием, односно на реемитување на аудио или аудиовизуелни медиумски …“кога очигледно сериозно и тешко се прекршуваат одредбите од членовите 48 и 50 од овој закон и се поттикнуваат расна, полова, верска или национална омраза и нетрпеливост.

Во споменатиот член 48 од овој Закон стои дека забраната се однесува и на дејствието „… се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност“. Таму, членот на Законот се повикува и на практиката на Европската унија.

Што значи ова? Дека контролата и добриот извештај на надзорниот орган на Агенцијата, резултирала всушност, во стартот, со „ишкање“ на можноста самата Агенција да изрекне мерка кон тв студиото кое ја емитува програмата.  Бидејќи, видовме, не е точно дека Агенцијата имала врзани раце (не можела да примени мерка бидејќи ја нема во законот!), како што стои во извештајот на надзорното тело.
Понатаму Агенцијата би можела секако и од своја страна да покрене обвинение до Основното јавно обвинителство, ама се чини, дека на крајот се ќе заврши на доставување на анализираниот извештај до друга институција – Комисијата за заштита од дискриминацијата. Со тоа пак, се остава простор Неделовски и натаму да ги породолжи своите хомобофични и други недозволиви бравури, до неодредено време.

 

КОЈА КОМИСИЈА ЌЕ ГО ОЦЕНУВА МИЛЕНКО?

 

Посебен сомнеж во можната констатација на ова тело на Агенцијата носи фактот дека во Собранието на РМ неодамна имаше многу расправа околку неодамнешниот избор на нови членови во Комисијата. Тие нови членови се – Тони Науновски, Александар Даштевски, Александар Спасеновски, Нена Неновска-Георгиевска, Јован Ананаиев, Ирфан Дехари и Беким Кадриу.

За дел од овие имињата за кои владејачкото мнозинство даде поддршка да членуваат во Комисијата за заштита од дискриминација, опозицијата обвини дека се приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ за кои се барало место каде да се вдомат. Имаше забелешки, да потсетиме дека пратениците ги добиле биографиите на само 7 од 14-те кандидати (поширокиот круг на можни кандидати) а некои од нив како Науновски се токму познати по своите писанијаво кои има – омраза!

 Љубомир Костовски

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).