Реисот на ИВЗ: Курбан Бајрам нè потсетува на вистинските вредности

од Марта Пешевска
46 прегледи

Поглаварот на Исламската верска заедница, реис ул улема х. Х. Шаќир ефенди Фетаи, испрати честитка до верниците по повод големиот исламски празник Курбан Бајрам, истакнувајќи ја неговата длабока духовна и општествена важност. Во пораката, реисот потсетува дека Курбан Бајрам е празник кој носи пораки за љубов, посветеност и подготвеност на жртва заради верата во Семоќниот Алах.

Тој нагласува дека празникот не е само обред или традиција, туку можност за секој верник да се потсети на суштинските вредности – побожноста, човечноста и солидарноста. „Овој благословен ден нè учи дека вистинската вредност на човекот се мери според тоа колку е подготвен да се жртвува за доброто на другите и за својата вера,“ порача Фетаи. Тој го истакна примерот на пророкот Ибрахим, кој, со силна верба, бил подготвен да го принесе синот како жртва, како симбол на безрезервна посветеност кон Бога.

Курбан Бајрам, како што посочи реисот, ги обединува најважните моменти во исламот – принесувањето курбан, извршувањето на аџилак и објавувањето на Куранот. Тој е ден кога верниците го покажуваат своето милосрдие, ги споделуваат даровите со сиромашните, ги зацврстуваат духовните врски и го шират мирот и добрината.

„Алах не го гледа месото и крвта од курбанот, туку ја цени побожноста што стои зад него,“ наведува Фетаи, потсетувајќи на зборовите од славниот Куран.

Поглаварот на ИВЗ упати порака за заедништво и поддршка, особено во време на глобални предизвици. Тој повика на човечност, правда, еднаквост и враќање кон вистинските вредности.

На крајот, тој им посака на сите муслимани среќен празник, молејќи го Семоќниот Алах да ги прифати нивните молитви, курбани и добри дела и да донесе мир, благосостојба и љубов во секое семејство.

„Алах да ве благослови. Среќен Курбан Бајрам!“, стои во пораката на реис ул улема Шаќир ефенди Фетаи.

Слични содржини