РЕКОРДЕН РАСТ: Коронавирусот инфицира 100.000 луѓе на ден

од Vladimir Zorba

Коронавирус

Бројот на нови случаи на КОВИД-19 во светот расте побрзо од кога било порано, а гледајќи го неделниот просек, се зголемува за повеќе од 100.000 на ден.

Додека во април бројот на ново заразени никогаш не достигна 100.000 за еден ден, од 21 мај дневното зголемување е помало од тој број само пет пати, а на 3 јуни достигна 130.400, пренесува „Си-Ен-Ен“, повикувајќи се на статистика од универзитетот „Џонс Хопкинс“.

Овој феномен може делумно да се припише на фактот дека капацитетите за тестирање се значително проширени, што не е случај насекаде, така што сè уште не е можно да се обезбеди јасна слика за секоја земја.

Многу од земјите кои првично беа погодени, како Кина, САД, Велика Британија, Италија, Шпанија и Франција, сега доживеаја пад на епидемијата, но ширењето на инфекцијата се чини дека забрзува во многу други земји, особено во Јужна Америка, Африка и Блискиот исток.

Во Либија, Ирак, Уганда, Мозамбик и Хаити, бројот на познати случаи двојно се зголемува секоја недела, а во Бразил, Индија, Чиле, Колумбија и Јужна Африка тоа се случува на секои две недели.

Светската здравствена организација предупреди дека најголемото зголемување на бројот на заболени се уште е забележано на американскиот континент, каде што дневното зголемување е со недели е поголемо од вкупниот број во другите делови на светот.

На пример, Бразил во четвртокот забележа повеќе од 30.000 нови случаи на заразени и 1.457 смртни случаи, така што вкупниот број на заразени во таа земја достигна скоро 615.000, а бројот на загинати надминува 34.000.

Според статистичките податоци, полошо е само во САД, каде се регистрирани вкупно нешто помалку од 1,9 милиони случаи на инфицирани и 108.211 смртни случаи, а дневното зголемување на бројот на заразени според неделниот просек сега е околу 21.000, а бројот на загинати е 942.

По ублажување на рестриктивните мерки, групи на новозаразени лица се појавуваат во голем број земји каде што веќе помина врвот на епидемијата, како Јужна Кореја, Германија и Кина, па постои страв од втор бран на пандемијата.

Слични содржини