Ременски: Ако не се отворат сите аспекти, ќе остане сомнежот дека случајот Онишченко се користи исклучиво за постигнување политички цели

од Nikola Popovski
589 прегледи

Од медиумите дознавме дека седницата на собраниската комисија за надзор е закажана за в петок и дека, директорот на АНБ Виктор Димовски ќе даде образложение на постапувањето на Агенцијата за случајот со македонското државјанство на Олександр Онишченко. Случајот „Двојник“ за кој многу зборував во јавноста не може да се спореди со случајот со државјанството и пасошот на Олександар Олишченко, вели во разговор за „Локално“, професорката на Факултетот за безбедност-Скопје, Фросина Ременски за случајот со македонското државјанство на контроверзниот Украинец Олександр Онишченко.

Според неа, разликата е во тоа што во случајот „Двојник“ има класично крадење на биометриски податоци од идентитети на македонски државјани за издавање на оргинални патни исправи со лик/фотографија на лице кое не лицето со вистинскиот идентитет, додека во случајот со Онишченко, станува збор за добивање на државјанство на РСМ на руски/украински државјанин по член 11 од Законот за државјанство.

-Зборував дека, злоупотребените идентитети на македонски државјани во случајот „Двојник“ е сериозен безбедносен проблем и може да ги наруши меѓународните односи на земјата со стратешките партнери, да ја загрози визната либерализаја на државата, а во основа државата е таа што треба да ги заштити и обесштети лицата чиишто идентитети беа украдени и злоупотребени, потенцира Ременски.

Професорката додава дека случајот Онишченко, како држава не соочува со еден друг вид на закана по нашите меѓународни односи, а тоа е порозноста на системот за заштита од сите нови форми на трансфер на нелегален капитал од про-руски пералници на пари преку сомнителни блокчејн трансакции со криптовалути, оф-шор банкарски трансакции и добро платени посредници за сето ова.

-Воопшто не сметам дека, зад случајот Онишченко стои развој на коњичкиот спорт во државата, туку доминирал лукративен интерес на поединци кои биле дел од тој ланец на процедури за добивање државјанство на РСМ.
Прилично несериозно е, од една страна да се осудува и да се таргетира постапувањето на еден државен орган (АНБ во случајот), а од друга страна да се потцени интересот за сите останати субјекти кои биле дел од таа долга процедура за државјанство. Ако не се отворат сите аспекти на случајот, ќе остане сомнежот дека, овој сериозен случај и профилот на Олександр Онишченко на човек со повеќе национални припадности и државјанства зад превез на коњички спорт, се користи исклучиво за постигнување на политички цели во РСМ, објаснува Ременски.

Експертката по безбедност смета дека Онишченко не е човек што не ги познава начините како да го изигра законот, за да не се соочи со одговорност за случаите за кои се товари во Украина.

Олександр Онишченко 

-Начинот на негово делување до сега потврдува дека тој е способен да ги изигра финансиските системи на повеќе држави и да избегне кривичен прогон. Тој е прилично упатен во сите можности, слабости и „дупките“ во системите на повеќе држави, за да ги протнува сите негови пред се финансиски интереси, години наназад додека САД не го стави на листата на санкционирани лица и се обидеоа да ја подигнат подигнат будноста на државите во Европа. За тоа говори податокот дека на самата листа на санкции на САД тој фигурира со лични документи издадени на различни имиња/идентитети (најмалку 4). Тоа се само украинските документи, додека другите се повеќебројни. Ако на ова се додадат документите и идентитетите кои тој ги имал и ги менувал во минатото (90-тите години на минатиот век), а кои фигурираат во неговите валидни документи денес, тогаш ќе забележите дека, човекот вешто го избегнувал фокусот на безбедносните служби и службите за спроведување на законот, коментира Ременски.

Професорката истакнува дека Украинецот може да биде безбедносна закана за државата, ако интересот на институциите се сведе исклучиво на оценката за исправноста на безбедносната проверка во АНБ за добивање државјанство за што има процедура.

-Сметам дека, многу поголем интерес на медиумите и на сите органи за спроведување на законот треба да биде прашањето за легалноста на неговиот спортски влез во државата, системот и луѓето преку кои го направил влезот и успеал да ја помине комплицираната процедура за добивање државјанство. Од приложениот „спортски мотив“ може да се заклучи дека, во овој случај најмалку спортот е во прашање. Ова секако не значи дека го потценувам успехот на коњичките спортиси во Македонија или коњичката хоби пасија на Онишченко. Но, треба да се знае дека, Онишченко токму зад превезот на коњичкиот спорт добива државјанство и на Русија и на РСМ, се натпреварува за руската и за мексиканската коњичка репрезентација, а зад тоа (очигледно) стои интересот за избегнување на законот и соочување со одговорноста во Украина, оценува Ременски.

Од аспект на профилацијата на хибридни закани од про-руски структури на Балканот и севкупниот „беграунд“ на Онишченко кој реално влијаел на политичката состојба во Украина, во САД и сите рефлексии на земји како што е нашата, соговорничката вели дека Онишченко сега и како наш државјанин ги исполнува сите преуслови за легален и легитимен безбедносен третман – не само негов, туку на целокупната видлива и невидлива логистичка мрежа тука, „која со пропуштање и изигрување на безбедносниот фокус, овозможиле ваков крими-софистициран човек да добие македонско државјанство и МКД патна исправа“.

Околу тоа дали треба промени во начинот на кој институциите даваат позитивна оценка за доделување државјанство, Ременски објаснува дека процедурата за добивање на државјанство на РСМ по многу основи е долга процедура и во неа се вклучени повеќе институции, не само АНБ.

Виктор Димовски

-Во случајот со Онишченко, станува збор за примена на член 11 од Законот за државјанство по кој на крајот одлучува Владата на РСМ, при што спортот и националниот интерес за унапредување на спортот е искористен за изигрување на повеќе редовни институционални филтри. Во случајот со Онишченко денес, не гледам сериозен медиумски интерес за тоа кој му ги обезбедил гаранциите (според закон) за престој на олигархот во Скопје, каде му било регистрирано престојувалиштето, ако знаеме дека сегашното живеалиште во документ (пасош) е на адреса на Милчо Пенов која нападна новинарска екипа и неговиот син кошаркарот Игор Пенов. Кој коњанички клуб го зачленува и склучува договор со Онишченко за работа, како предуслов клубот да може да го предложи до Федерацијата за коњички спорт, а тие пак за член на репрезентација до Агенцијата за млади и спорт? Од медиумите и од самиот Онишченко разбравме дека тоа е Коњаничкиот клуб ДОНА на одговорносто лице Влатко Стефановски и претседателот на Федерацијата Ристо Јосифовски. Кој е Влатко и кој е Ристе во случајот Онишченко, за кој Лука Заложник вели дека е билионер кому му дал контакти? Овој синџир на контакти и интереси е клучен во случајот, ако сакаме да ги откриеме мотивите на сите учесниците, кои верувам дека не се само спортски. Проблемот во системот го прават луѓе кои се дел од разни интересни групи кои влијаат на динамиката на процедурите и строгоста на критериумите преку кои ќе се оценува валидноста и издржаноста на барањата – барањето за прием во државјанство на РСМ во овој случај, децидна е професорката.

Ременски порачува дека одговорноста во случајот Онишченко е повеќеслојна, но факт е дека јавната перцепција за одговорност паѓа само врз грбот на првиот човек на АНБ.

-Ако директорот на АНБ лоцира пропусти во постапката во случајот Онишченко (верувам дека лоцирал), тогаш тој како директор треба да ги превземе сите механизми и средства што му стојат на располагање – да има санкции за лица во АНБ, да ја скенира функционалноста на системот на оперативна контрола и во соработка со други институции да се преземат сите мерки за одвраќање на ризиците од сферата на (не)спортските интереси на Онишченко и други слични иницијативи, преку соодветна меѓуресорска и меѓународна соработка со надлежните институции, анализира Ременски.

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека очекува извештај за позитивното мислење за државјанство на Онишченко, на што соговорничката се надева дека тој извештај нема да го опфаќа само делот на надлежноста и постапувањето на АНБ, туку и надлежноста и постапувањето на сите останати субјекти во ланецот од прецедури, проценки и мислења за државјанство по член 11 од Законот за државјанство – од матичниот Коњички клуб ДОНА , преку Федерацијата за коњички спорт, до Агенцијата за млади и спорт, преку МВР (и во делот на пресојот и живејалиштето), до АНБ и Владата на РСМ.

-Директорот на АНБ како иден амбасадор на РСМ во Франција, одговороноста во АНБ за случајот Онишченко, треба да ја лоцира, за ја санкционира и да ја трансформира во зајакнување на внатрешните надлежни оперативни процедури, правилата на работа и отчетноста во службата. Тоа е негова обврска сега и влог во правилата и работата на службата, наспроти „правилата и игрите на интересните групи“ од внатре и од надвор – независно кои се и за чии/какви интереси (не)постапуваат, заклучува Ременски.

Н.П.

Слични содржини