Реновирање во Кочанската болница: Надеж за младите повредени во „Пулс“

од Марта Пешевска
22 прегледи

Во Општата болница со проширена дејност во Кочани денеска започнаа градежни зафати на Одделот за физикална медицина и рехабилитација, со цел подобрување на условите за лекување и рехабилитација на лицата повредени во трагичниот пожар во клубот „Пулс“. Паралелно со реновирањето на овој оддел, реконструкција ќе се врши и на хируршкото, гинеколошкото и невролошкото одделение. Планот е целата санација да заврши за неполн месец.

„Ќе се уредат простории за ласертерапија, електротерапија и магнетна терапија, а ќе се набават и нови мултифункционални апарати кои ќе овозможат пациентот да ја добие целосната терапија на едно место. Ќе се подобри пристапот, ќе се реновираат и тоалетите“, изјави в.д. директорката на болницата, д-р Катерина Мирчовска.

Од средината на наредната недела, дел од повредените ќе бидат сместени во одморалиштето на МВР на Поникава, каде ќе се продолжи со нивната рехабилитација. Таму, 45 пациенти ќе добиваат физикална терапија, а програмата вклучува и работна терапија, како и различни типови на вежби за зајакнување на мускулатурата.

„Рехабилитацијата не е потребна само поради изгорениците, туку и затоа што голем број од повредените подолг период биле во неподвижна состојба. Затоа е важно да се работи на зајакнување на целото тело“, нагласи Мирчовска.

Повредените лица кои се згрижени во кочанската болница, како и оние во Клиничката болница во Штип, според надлежните, се во стабилна здравствена состојба. На 16 јуни се очекува да пристигне компресивна облека, која е наменета за лицата со тешки изгореници на лицето, вратот, екстремитетите и грбот – донација на здружението „SupportKocani“.

Реконструкцијата, новата опрема и грижата за пациентите се дел од поширокиот план за сеопфатна рехабилитација и враќање на нормалното секојдневие на повредените млади луѓе.

Слични содржини