Реонизацијата во училишта во Карпош ќе биде во корист на сите ученици, вели Јакимовски

од Nikola Popovski
284 прегледи

Советот на Општина Карпош донесе одлука за нова реонизација, според која што основците кои се запишуваат во прво одделение, а живеат на локацијата од ул. Рузвелтова до ул. Брадфордска, ќе учат во ООУ „Војдан Чернодрински“ – соопшти денеска градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.

Прецизираше дека основците од населбата Долно и Средно Нерези, како и од населеното место Тафталиџе, ќе посетуваат училишна настава во ООУ „Братство“, односно реонизацијата за нережани започнува од пред влезот на фабриката Реплек.

– Ова го правиме од крајна нужда, затоа што нема доволно училишта, а дополнителен проблем ни создава и потребата, тие да ја организираат својата настава во „деветолетка“, додека пак знаеме дека сите училишта предвидуваат осум годишна настава. Тоа значи дека во секое училиште ни се потребни дополнителни четири или пет училници. Бидејќи ова е одлука на Советот на Општина Карпош, ве упатувам дека неа не смее да ја крши никој, вклучувајќи ме тука и мене, како и директорите на училиштата, истакна тој.

Ги замоли граѓаните да имаат почит за проблемите со кои се соочуваат основните училишта во Карпош, во насока на обезбедување на поквалитетно образование.

– Одговорно тврдам дека е многу подобро, вашето дете да учи во одделение со 18-24 деца, наместо во одделение со 34 ученици, каде што условите се поинакви. Затоа сметаме дека овој процес на реонизација кој го правиме е од интерес на сите ученици, бидејќи во краен случај целта ни е да им понудиме подобри услови за едукација. Во исто време, ги замолувам сите оние коишто не се жители на нашата локална самоуправа, исто така да се придржуваат кон правилата кои се утврдени со реонизацијата и да не прават дополнителни притисоци, бидејќи одлуката на Советот на Општина Карпош е донесена со консензус на сите советнички групи и неа мораме да ја почитуваме сите, додаде Јакимовски.

Слични содржини