„Репортинг Демокраси“: Политичката клима во Унгарија може да стане неповолна за Груевски

од Nikola Popovski
418 прегледи

Животот на поранешниот авторитарен премиер во Северна Македонија, Никола Груевски, последниве три години изгледаше вака: бегалец од правдата во својата татковина и барател на политички азил во Унгарија, заштитен од унгарскиот премиер Виктор Орбан. Меѓутоа, со неодамнешниот избор на Петер Марки-Зај, конзервативен градоначалник на Вашархељ, за лидер на здружената опозиција во Унгарија, кој се смета дека има најдобра шанса да го порази долгогодишниот актуелен унгарски премиер на следните избори, што треба да се одржат во април 2022, политичката клима во земјата би можела да стане неповолна за Груевски, се наведува во анализа објавена на новинарската платформа „Репортинг Демокраси”, објави МИА.

Во анализата се потсетува дека Марки-Зај неодамна во објава на Фејсбук најави дека „ќе ги екстрадира криминалните мигранти кои ФИДЕС (партијата на Орбан) ги донесе во земјата: Никола Груевски од Северна Македонија, Заид Нафа од Јордан и други”.

Сепак, како што се наведува во текстот, според правни експерти, за да му биде укинат статусот на Груевски како азилант и за негова екстрадиција ќе треба повеќе од политичка волја и тој процес би бил многу комплициран и долг.

– Во демократска држава базирана на владеењето на правото, ниту една влада, ниту еден премиер, немаат право некому да му го одземат статусот на бегалец, изјави Андрас Ледерер, претставник на унгарскиот Хелсиншки комитет, задолжен за мониторинг на човековите права.

Но, и покрај тоа, според авторите на анализата, постојат правни начини да му се укине статусот на азилант на Груевски, бидејќи Националниот генерален директорат за управување со странци на Унгарија, на секои три години ги проверува бегалските статуси.

– Тоа е всушност една нова процедура за азил, во која подносителот мора да докаже дека сè уште постојат причините поради кои му е одобрен азилот. Врз основа на доказите, властите може да одлучат дали ќе го продолжат азилот или ќе го укинат, објаснува Ледерер.

Во анализата се потсетува дека Груевски „стигна во Унгарија на 11 или 12 ноември 2018 година, за да избегне отслужување на двегодишна затворска казна”, по што уште истиот месец доби азил по итна постапка, која „многу критичари ја сметаа за мошне контроверзна и како личен гест на добра волја на Орбан кон неговиот политички сојузник”.

– (Груевски) во својот ракав криеше ас – мислење на Комисијата за заштита од дискриминација кое го добил кратко пред да избега и во кое се тврдеше дека бил дискриминиран и дека нема да добие фер судење во неговата држава. Иронија е тоа што оваа Комисија беше избрана во времето кога партијата на Груевски беше на власт и предводена од неговиот силен поддржувач – Александар Даштевски, се додава во текстот, при што се потсетува дека барањето за азил во Унгарија беше одобрено за помалку од 10 дена.

Слични содржини