Шпанските репрезентативци на Барселона Гави, Педри, Ламине Јамал, Пау Кубарси, Марк Касадо, Фермин Лопез и Феран Торес планираа да прогласат своевиден бојкот на шпанската репрезентација доколку нивните соиграчи Дани Олмо и Пау Виктор не бидат регистрирани за играње за вториот дел на сезоната во Ла Лига, пренесува весникот „АС“ на своите страници денес.
Играчите би користеле различни изговори како повреди и секакви проблеми за да избегнат да одговорат на повиците од тренерот Луис де ла Фуенте, додава изданието. Следни натпревари на Ла Фуриа Роха се четвртфиналето против Холандија во Лигата на нации на 20, односно 23 март. Евентуален успех во нив би и дал можност на Шпанија да биде дел од фајнл-форот кој треба да се игра по завршувањето на сезоната на почетокот на јуни.
Сепак, не е јасно дали тоа е сопствена идеја на играчите или било наметнато под некаков притисок од раководството на Барселона, кое би користело сличен аргумент во форма на притисок за да ги постигне своите цели.
Ла Лига на 1 јануари им ги одзеде привремените картони на Дани Олмо и Пау Виктор, а Кралската фудбалска федерација на Шпанија одби да го разгледа случајот, иако тоа е во нивна надлежност. Потоа, жалбите на Каталонците беа одбиени во две судски инстанци, но во средата вечерта Советот за спорт при Министерството за образование и спорт донесе одлука и на двајцата фудбалери привремено им се вратија досиејата.