Бидејќи се намалуваат шансите Доналд Трамп да победи на изборите, некои републиканци почнуваат да се дистанцираат од неговата судбина, повикувајќи ги гласачите да ги изберат за контрола за администрацијата на Џо Бајден.
Во борбата за одржување контрола врз Сенатот, дури и лојалните на Трамп се нервираат од прашањето колку силно го поддржуваат претседателот.
Изборните кампањи во Сенатот, кои долго време се фокусираат на избор на кандидати кои ќе бидат лојални на Трамп, сега содржат помрачна порака за републиканските гласачи, под претпоставка дека Трамп повеќе нема да биде претседател.
„Ако го изгубиме Сенатот, повеќе нема да има заштитен ѕид кој ќе ги спречи демократите да го спроведуваат својот план Армагедон за назначување активистички судии и додавање на четири нови демократи во Сенатот, давајќи им статус на федерална држава на Вашингтон (област Колумбија) и Порто Рико“, се вели во апелот за собирање средства за Конзервативниот фонд за Сенатот, пренесува Н1.
„Не можеме да дозволиме тоа да се случи“, додаде тој.
Секоја држава во Сенатот има двајца сенатори, без оглед на населението, додека во Претставничкиот дом, најнаселената Калифорнија има 53 претставници, а седум држави имаат само еден претставник.
Лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел, кој е претставник на Кентаки, инаку еден од сојузниците на Трамп, оваа недела изрази повнимателен став за прашањето за пандемијата на коронавирус отколку Трамп.
„Мојот впечаток е дека нивниот пристап (…) е различен од мојот и од она што го предложив да се работи во Сенатот, односно да носам маска и да ја почитувам далечината“, рече Меконел (78), кој се бори за нов сенаторски мандат оваа година.
Долгогодишниот републикански сенатор од Тексас, Џон Корнин го критикуваше Трамп за намалување на опасноста од коронавирус, додека бараше поддршка од весникот „Хјустон хроникл“.
На крајот, весникот, иако го поддржуваше Корнин во минатото, го поддржа демократот Ем Џеј Хегар.
Оддалечувањето од Трамп потсетува на стратегијата на Републиканците од 2016 година, кога многу високи републиканци мислеа дека ќе загубат, а сличен феномен беше забележан во 1996 година, кога републиканскиот кандидат сенаторот Боб Дол имаше значително помала поддршка од Бил Клинтон.
И во двата случаи, републиканците избегнаа да го критикуваат својот претседателски кандидат, но им рекоа на гласачите дека треба да ги задржат републиканците во Конгресот за да можат да ја контролираат демократската влада.
„Мора да аргументирате дека ако биде избран Бајден, нема сопирачки, откако и Конгресот е контролиран од демократите“, рече поранешниот републикански конгресмен Том Дејвис.
„(Демократите) ќе започнат да прават глупави работи како што е назначувања во Врховниот суд“, додаде Дејвис, кој беше предводник на републиканскиот предизборен комитет во Претставничкиот дом од 1998 до 2002 година.
Дејвис вели дека ги повикал републиканските лидери да ја следат таа стратегија претходно оваа година, за да можат републиканските кандидати на изборите да добијат поддршка од републиканците кои не се за Трамп.
Пред четири години, неколку републикански соопштенија на изборите за Конгресот предупредуваа дека Хилари Клинтон ќе стане претседател и дека е најдобро за земјата да ја ограничи својата радикална агенда со избор на републикански конгресмени.
Еден од најжестоките поборници за ваквата стратегија беше сенаторот од Јужна Каролина, Линдзи Греам, тогаш критичар на Трамп, а подоцна негов голем поддржувач.
Сега Греам е кандидат на изборите, што може да ја заврши неговата 18-годишна кариера во Сенатот, па повторно предупредува на апокалипса, доколку победат демократите.
Во дебата со демократскиот противкандидат Џејми Харисон, тој предупреди дека „кошмарното сценарио“ е победата на Бајден и демократската контрола над Претставничкиот дом и Сенатот.
„Бог да ни помогне на сите… Најлибералната агенда во историјата на американската политика ќе се прелее од Претставничкиот дом во Сенатот“, рече тој.
Демократите во моментов го контролираат Претставничкиот дом, а републиканците го контролираат Сенатот.
Споменатиот Меконел во интервју за радио на средината на септември, без да го спомне Трамп имплицираше дека по изборите во ноември, тој ќе биде најважниот републиканец во Вашингтон, кој ќе ја брани земјата од прогресивната демократска агенда.
Марта Мексали, републиканска сенаторка од Аризона, чија позиција е една од најзагрозените на овие избори, рече нешто слично на неодамнешната дебата со противникот.
Во трендот се приклучи и сенаторот од Флорида, Марко Рубио, чиј мандат трае до 2022 година.
„Џо Бајден и Камала Харис веќе одлучија да го наполнат нашиот врховен суд со политички, либерални судии“, и тие ќе го „игнорираат нашиот Устав“, се вели во рекламата на Фејсбук на Рубио.
„Потребно ни е мнозинство во Сенатот за да ги спречиме“, рече тој.