ЕСМ соопшти дека решен е проблемот со дистрибутивната топловодна мрежа во населбата Кисела Вода и жителите на оваа скопска населба имаат парно греење.
-По локализирање на дефектот, утрово повторно е воспоставена нормална испорака на топлинска енергија за најголем дел од потрошувачите во населбата Кисела Вода. Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина и денес се на терен и интензиво работат на санација на дефектот, со цел истиот да биде саниран во најкус можен рок. Во попладневните часови во тек на вчерашниот ден, поради високите надворешни температури не се вршеше испорака на топлинска енергија, информираат од ЕСМ.
Грејната сезона во Скопје за сите приклучени на мрежата за централно греење започна од 15-ти октомври со исти услови како и претходно, односно со загарантирана температура од 21 степен Целзиусов и греење во периодот од 06:00 до 22:00 часот.
Во Скопје околу 60 илјади домаќинства се приклучени на мрежата за централно греење што ја покриваат топланите Исток и Запад. Дополнително уште околу 500 домаќинства во Чаир и Топанско поле се приклучени на мрежата која ја покрива топланата Скопје север.
Цената на парното засега останува иста, но останува нејасно по која цена ќе се плаќа услугата, со оглед дека сè уште не е почната замената на цевките на топловодот под мостот „Беласица“. Вообичаено, одлука за нова цена на парно се носи до крајот на јули, но поради низа проблеми РКЕ се одлучи да го одложи.