Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и министерот за правда Кренар Лога поделија изводи на лица кои досега не се евидентирани во матичната книга на родени.
Со ова се решава деценискиот проблем којшто го имаа стотици граѓани кои се родиле на територија на нашата држава, но не беа впишани во матичната евиденција и немаа изводи на родени.
,,Овие проблеми се веќе минато! После една деценија, им овозможивме на овие граѓани да си го остварат правото на заштита на нивното здравје преку здравствено осигурување, децата да посетуваат редовна настава и да добиваат свидетелства за завршено образование. Со нивното евидентирање во матичните книги им отворивме можност да ги користат сите бенефиции кој им ги нуди Уставот и Законите на Република Северна Македонија. Тие сега можат легално да стапат во брак, а нивните потомци без никаков проблем да бидат заведени во матичната книга на родените”, рече во своето обраќање премиерот Димитар Ковачевски.
Министерот за правда Кренар Лога, осврнувајќи се на процесот на системско и трајно решавање на проблемот, истакна дека Република Северна Македонија е на прво место во Европа и второ во светот кои го решаваме проблемот со неевидентираните.
„Дадовме поддршка на подготовката на Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени кој беше донесен во 2020 година. Предлог на Законот за матична евиденција беше донесен на 14 Јуни 2023 година. Согласно Конвенцијата за правата на детето ,со овој закон се гарантира правото на упис во матична книга на родени на секое дете родено на територијата на Република Северна Македонија веднаш, а најдоцна 45 дена од денот на раѓањето на детето, независно од државјанството и личниот статус на неговите родители”, потенцира Лога.
На настанот се обратија и директорот на Управата за водење на матични книги, Емир Сулејмани и претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска.
Сулејмани пред присутните соопшти дека се постапува вкупно за 526 лица за упис во матична книга на родените. Од нив за 409 лица е извршен упис во матичната книга на родените од донесувањето на законот па се до сега. За останатите 117 лица ќе се постапи до крајот на годинава.
Претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска посочи дека при имплементирање на законот за матична евиденција како држава јасно е поставена цел дека оваа категорија на граѓани мора да ги уживаат загарантираните основните човекови права и слободи гарантирани со Уставот.
На настанот беа поделени 12 изводи на лица без државјанство, а во доделувањето учествуваа и пратеничката Шиковска, државниот секретар од министерството за правда Точи и директорот Сулејмани.
Оваа акција е дел од имплементацијата на амандманските измени на Законот за матична евиденција, насочена да се помогне на лицата кои повеќе од една деценија не го решиле проблемот со неевидентирањето на нивното раѓање во матичните книги на родени каде во преодни и завршни одредби точно е прецизирано начинот на олеснување на уписот на овие лица кој важи до крајот на годината.