
Режија и сценарио : Вардан Тозија
Улоги: Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула, Љупчо Тодоровски, Никола Ристановски, Сара Климовска, Адем Карага, Игор Стојчевски, Борис Дамовски.
Продукција: Огнен Антов
Филмот Џган е дебитанско долгометражно остварување на режисерот Вардан Тозија. И прво па машко. Оваа комплексна социолошка драма, која може да се смести во жанрот на криминалистички филм, е тоа што долго се чекаше во македонскиот филм. Ресетирање на сите предрасуди, потреби од грандиозни проекти, недефинирани жанрови, филмови кај кои извесни филмски елементи се функционални наспроти останати кои висат и не коресподверираат во сложениот систем што го налага филмската уметност. Во Џган, се е на свое место. Визулено хипереалистичен со нагласена естетика на грдото со која камерата е во страствен и брутален коитус. Кога сценариото занаетски оживува пред прецизноста на режисеркиот потфат, актерите брилијираат. Главните ностители на приказната, натуршчици на кои може да им позавидат многу професионални акатери, а професионаците, впечатливи како никогаш досега. Храброста на Тозија, да се соочи со ваков потфат, каде што повеќедимензионално е потребно искуство, храброст и силна моќ на перцепција да се копа во најтемните слоеви на системот, и истите да се извадат пред светлината на денот, сигурно му донела и среќа, која вообичаено ги следи смелите.
Авторот се движи во проверени матрици, кога станува збор за приказни што се филмуваат на оваа фрагилна тема. Одлична проникливост, бидејќи без амбиција да создава топла вода, оваа автентична приказна ја надградува со многу авторски печат. Музичката подлога на Алек Пејовски, педантната фотографија ,на Џган му обезбедија сигурно место во историјата на македонскиот филм, но навестува и нова страница во истата. Исликани се значајни интимни локации од градот во кој неколку генерации ќе си го препознаат, омилениот ѕид каде што му се служило првото “лапање“, протнување низ благо извиткани огради, правливи и празни простори во кој млад човек се обидува да изгради нов подобар свет. Но, од друга страна овие исчкртани, графитосани фасади се во војна со оние врескачки невестински барокни гадости што верзираат виртуелна реалност.
Интересно е колку ова остварување не бега од препознатливи елементи нагласени во македонскиот филм ( социјален контекст, многу вулгарен вокабулар, тегобност) но сепак, носи нова естетика која функционира во универзални филмски рамки. Малите драматуршки потфрлања, се направени веројатно бидејќи авторот е ставен пред дебитанско искушение, но се занемраливи и се анулираат пред целовитоста на остварувањето.
Џган е значаен и поради фактот што во изобилието од непотребна културолошка гнилост, и конзистентно создавање на уметност , која спие на лево уво додека општеството е исправено пред катастрофален колапс, овој автор не е имун и се нафаќа на сериозна задача да направи ангажиран уметнички производ. Брутално и безпоштедно тој коментира, критикува и покажува вистини пред кои научивме да затвораме очи и уши.
Во време кога маргиналци станаа и социјални категории на луѓе што ни одблизу не треба да бидат, што се случува со оние групи кои сами по себе се во тежок животен контекст. Ако немилосрдна стана борбата на оние кои немаат објективна причина за тоа, каква треба да биде на млади момчиња, бездомници. Институциите на системот, заробени од измами, лаги, перверзна декадентност, секако немилосрдно креваат рачна и возат рикверц. Газат таму каде што е најтенко. Е тука, кај наголемиот пораз на хуманоста, во Џган почнува голата егзистенцијална борба. А почна и пркосна борба за создавање на филмови што имаат вистинско национално значење, додека се истураат големи буџети на безначајни филмови за цареви и воини, уште повеќе од потписници што никогаш не постигнаа значаен успех ниту кај домашната публика ниту се валоризираа во светски рамки.
За Џган, допрва ќе се зборува, и сигурна сум, дека тој ќе се вкорени во меморијата на домашната публика, што досега им успеа на малкумина.
Ана Василевска