Ревизија во Општина Охрид: 4847 дивоградби, хотели без дозволи, „Комуналец“ не уплаќа средства во општинскиот буџет

Во дел од населените места, ревизијата утврди изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс, за кои не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште и не се издадени одобренија за градење

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Локално

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Охрид, за 2024 година. Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на општината и поради нивното значење изразено е мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметката на основен буџет (630) и неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики за сметката на основен буџет (637).

Општина Охрид нема искажано побарувања по основ на надоместок за одржување на јавна чистота, а ЈП „Охридски Комуналец“ со години не ги уплаќа овие средства во општинскиот буџет. За 2024 година, по овој основ јавното претпријатие прикажало обврски од 22.880 илјади денари, а општината има поднесено тужби за 2021, 2022 и 2023 година во износ од 53.831 илјада денари.

Исто така, не се искажани побарувања за комунална такса за користење на простор за паркирање на моторни возила на територијата на општината. Јавното претпријатие кое стопанисува со паркинзите на подрачјето на општината ЈП “Билјанини извори” Охрид со години ја нема уплатено комуналната такса, чија што обврска според евиденцијата на претпријатието, изнесува 3.901 илјада денари.

Без Одлука од Советот на општината, извршен е отпис на побарувања од буџетски корисници во износ од 534 илјади денари за фактурирани комунални трошоци во период од 2017-2020 година)и отпис на 4.832 илјади денари, претплатни салда за кои нема соодветна поткрепувачка документација, а се однесуваат на повеќе физички и правни лица.

Даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот во минати години не се задолжени со данок на имот, a за данокот на имот кој не е платен во пропишаниот рок не се пресметува и наплатува камата.

Надоместокот за уредување на градежното земјиште се пресметува по Одлуки од 1997, 1999 и 2011 година, во кои е утврден процентот на висината на надоместокот по зони од просечна градежна вредност по 1 м2 за нето површина во износ од 17 илјади денари, а зоните не се ажурирани според степенот на уреденост, што влијае на остварените приходи и средствата потребни за уредување на земјиштето.

За бесправните објекти кои не ги исполнуваат условите за издавање на урбанистичка согласност донесени се 4.847 решенија за одбивање, но не се преземени мерки истите да бидат отстранети иако овластените градежни инспектори за период од 2019 – 2024 година издале 456 правосилни управни акти за нелегални градби. Со ова, не е испочитувана обврската предвидена со „Планот за заштита на културно наследство“ за детален инвентар на сите бесправно изградени објекти, проценка на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на општината и отстранување на сите бесправни изградени објекти, особено во Националниот парк „Галичица“, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста на градот.

За 11 населени места/села Советот на општината нема донесено урбанистички планови за село и урбанистички план вон населено место, а за 9 населени места донесени се решенија за одобрување на планска програма за изработка на урбанистички план, но истите сеуште не се донесени. Во дел од населените места ревизијата утврди изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс, за кои не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште и не се издадени одобренија за градење.

Се додава дека во постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти не се почитуваат законски пропишаните рокови и не се следи наплатата на надоместокот за уредување на правен статус на бесправно изградени објекти кој е на одложено плаќање (12 еднакви месечни рати), така што издадени се решенија со само една извршена уплата. Иако, Советот има донесено 1.748 одлуки за утврдување на потребата од донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти, во рок од пет години, по истите не е постапено.

Целиот извештај на ДЗР на следниот ЛИНК.