Ревизорите на ЕУ заклучија дека стотиците милиони евра кои блокот ги вложи во шестте земји од Западен Балкан за подобрување на владеењето на правото едноставно не се исплатеа, објави АП.
Извештајот на Европскиот суд на ревизори (ЕЦА) објавен во понеделникот покажува дека земјите продолжуваат да покажуваат недостаток на посветеност за справување со се – од широко распространета корупција до мешање на државата во судството, што би им помогнало на нивниот пат кон членство во ЕУ. .
Соочени со безброј проблеми, 27-те членки на ЕУ одолговлекуваат да ги прифатат Албанија, Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Косово и да ги доближат до членство. Во исто време, во нестабилниот регион се зголеми влијанието на Кина и Русија.
„Поддршката на Европската унија за владеењето на правото на Западен Балкан очигледно не успеа да донесе сеопфатни промени“, рече Јухан Партс, кој го напиша извештајот.
Европскиот суд на ревизори децидно изјави на 52 страни колку малку е постигнато од наведените 700 милиони евра помош за институционални реформи во периодот од 2014 до 2020 година. Во изминатите 2 децении оваа сума е уште поголема бидејќи им помогна на земјите да го надминат периодот на „комунистичко владеење“, војна, внатрешни превирања и поставување на темелите на западната демократија.
Во извештајот се наведува дека ЕУ често користела премногу моркови и недоволно стапчиња бидејќи инвестициите во проекти немале влијание врз целото општество.
„ЕУ премногу ретко ја користеше можноста за суспендирање на помошта доколку корисникот не ги почитува основните принципи на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права“, се вели во соопштението на ЕЦА.
Дури и ако во извештајот се цитираат „некои позитивни неодамнешни случувања, главно во Албанија и Северна Македонија“, тој нагласува дека „(поддршката на ЕУ) имаше ограничено севкупно влијание врз подобрувањето на основната улога на правните реформи поради недоволната политичка волја“.
Се додава дека главните проблеми во државите остануваат поврзани со независноста на судството, концентрацијата на моќта, политичкото мешање и корупцијата.
Ако која било држава сака да стане членка, таа мора да се посвети на илјадниците правила и прописи кои се веќе во сила во блокот. За време на апликациите за членство, тие се преговараат во посебни поглавја кои вклучуваат почитување на владеењето на правото и демократските стандарди, слободата на медиумите и независноста на судството и спроведувањето на социо-економските реформи.
Студијата, со нејзините често остри критики, доаѓа во време кога моментумот на проширувањето на ЕУ е запрен, и поради тоа што сегашните членки се премногу незаинтересирани и затоа што авторитарните политики стануваат се посилни во некои влади во регионот.
Можноста за членство беше моќна движечка сила за реформите на Балканот откако поранешна Југославија се распадна во војна во раните 1990-ти. Хрватска и Словенија се приклучија, но ЕУ не се прошири од 2013 година, заклучува АП.